За врвот Кајмакчалан, каде што Калина и Александар трагично ги загубија животите

6935 Views Февруари 12, 2018 Мој став Силвана Жежова

Планинарите се уште се во шок од трагичната вест за нашите другари и пријатели Калина Велевска и Александар Миновски, кои своите животи ги загубија на врвот Кајмакчалан во Грција.

Она што со сигурност се знае е дека, тргнале со група од 50-на луѓе во организација на планинарското друштво „Трансверзалец“. А што се случувало на врвот, очекуваме да открие истрагата, која треба да ја има.

Во исчекување на официјални информации, еве неколку податоци за врвот:

Движењето на Кајмакчалан од грчка страна (од македонска нема пристап) се одвива во близина на скијачки терени, но и по нив. Се работи за мал скијачки центар.

Доколку се идеални условите, врвот на височина од 2.548 метри се качува без никакви проблеми. Ски-лифт има речиси до под самиот врв.

НO....

И пред две години во февруари, условите за качување ги отежнаа ветрот и наносите на снегот по патот по кој што се движиме кон врвот на кој има црква. Како што се приближувавме кон врвот, јачината на ветрот од 70 километри на час, уште повеќе се чувствуваше. На врвот, се фатив за оградата за да не ме оддува. Таква силина на ветер не сум доживеала на ниту една македонска планина.

Викендов сега, условите биле уште посурови. Тоа може да се види од неколкуте видеа објавени на социјалните мрежи. Видливоста уште повеќе намалена, а според сведочењата на присутните, не се гледало еден метар пред себе. Ветерот посилен од 100 километри на час. 

Според пишувањата на грчките медиуми, телата биле најдени на 2.524 метри надморска височина, а врвот е висок 2.528 метри.

Лево од врвот е македонската територија, која според конфигурацијата на теренот е огромен процеп. Десно од врвот е грчката страна.

Истрагата треба да утврди како се случило телата на планинарите да се најдат на македонска територија.
Во отсуство на официјални информации, не би сакале да навлегуваме во шпекулации. Но најблиското семејство на Калина и на Александар, планинарите, пријателите, роднините ја заслужуваат вистината. 

„Врв не се освојува, врв се искачува. Барем така ме научија поискусните од мене во планинарењето. И признавам дека е така, затоа што планината не можеш да ја освоиш таа е таму засекогаш, а ти не си вечен. И покрај неа, сфаќаш колку си минлив и мал. Ќе ја искачиш, доколку таа сака, и те освојува со својата убавина“, стои во репортажата на еМагазин за врвот Кајмакчалан напишана пред две години.

Почивајте во мир, драги луѓе!

ПРОЧИТАЈТЕ ЈА И ОВАА СТОРИЈА

(Галерија) На врвот Кајмакчалан црквата Св.Петар не дочека како замрзнат замок

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.