Дел од кочанските јавни чешми и извори бактериолошки и хемиски неисправни

389 Views Февруари 12, 2018 Локално Редакција Емагазин

Во дел од јавните чешми и извори во Кочани е регистрирана бактериолошка, но и хемиска загаденост на водата за пиење. 

Испитувањата, кои во текот на изминатите 12 месеци континуирано ги спроведувал кочанскиот Центар за јавно здравје, покажаа дека во водата е забележано присуство на бактерии,а наместа и зголемена електролитска спроводливост и поголема содржина на нитрати.

- Од 24 примероци од вода, земени од руралните водоводи и други водоснабдителни објекти на подрачјето на општината Кочани, најголема неисправност е забележана во селото Рајчани, каде во шест контроли на јавните чешми е регистрирана целосна хемиска и бактериолошка неисправност, посочи Магдалена Манасиева, директорката на Центарот за јавно здравје во Кочани.

Таа наведе дека, во сите четири примероци од водоводот во Нивичани и кај двете анализи од Пантелеј и Лешки, како и од земениот примерок од т.н. Партизанска чешма има целосно бактериолошко загадување. 

Во Војничко кладенче, со испитувањата е утврдена микробиолошка и хемиска неисправност. Три од четирите мостри кои се земени од Белска чешма покажаа биолошка загаденост, додека во Усова чешма од исто толкав број испитувања, во еден случај е регистрирано хемиско загадување.

Единствено во Милева пумпа и пумпата во локалитетот Бавчалук водата не е биолошки и хемиски загадена. 

Од кочанскиот Центар за јавно здравје е констатирано дека причината за неисправноста на водата за пиење е тоа што во континуитет се провлекуваат пропусти од типот на недефинирани заштитни зони околу изворите, непостоењето на соодветна опрема за пречистување и дезинфекција на водата, како и несоодветно стручно одржување.

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.