Како некогашните „алтернативните суканици“ станаа обични политички ботови

536 Views Февруари 13, 2018 Мој став Никола Осило

Смешни и патетични се обидите на Министерството за култура и сите останати функционерчиња од владејчката гарнитура да ја оправдаат распредлабата на парите од Националната програма за 2018 година, во која големи суми пари добија приватни промотерски куќи и проектчиња со националистички заднини, а пари беа доделени и на проекти во кои се ангажирани членови од комисиите кои одлучуваа за распределбата на парите.

Не помина ниту половина мандат на актуелната Влада за некогаш големите алтернативци и борци против злоупотреба на власта да станат обични политички ботови и извршители на политички агенди.

Најдобар показател за тоа е што се доделуваат пари само колку да се задоволат апетитите на политичките партии од власта и нивните приврзаници, а истовремено драстично беа скратени парите за филмската продукција, за која слободно може да се каже дека доживува ренесанса. Најдобар показател за тоа е успехот на „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески, но и на дузина други филмски проекти на новата генерација македонски режисери.

Сега, наместо да го фатат новиот културен бран и да им дадат вистинска поддршка на правите уметници, креаторите на политиките решија да делат ситни, но и големи пари на проектчиња кои немаат никаква уметничка вредност.

Во Македонија станува правило при преоѓањето од опозиција во власт, а посебно кај уметничката фела да има драстични промени во размислувањата на лицата кои стануваат одговорни за спроведувањето на државните политики, па така најголемите алтернативци кои беа дел од минатата Влада го изродија проектот „Скопје 2014“ и уште дузина глупи уметнички мегаломански проекти.

Токму тие што највеќе ги критикуваа овие „вмро-овски фаци“ ги следат нивните чекори и поддржуваат шунд, наместо вистинска уметност.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!