Сите обичаи за Свети Трифун-празникот на вербата во плоден род и добро вино

634 Views Февруари 14, 2018 Вино Редакција Емагазин

Православните христијани денеска го слават Св.Трифун со желба за добро здравје, добро расположение и богат род на лозјата.

Според народните претстави, Свети Трифун се грижи за лозјето и за виното. Се верува дека тој ги штити насадите и градините од разни штети и несреќи. На иконите најчесто е претставен во обична руба, долама со наметка, држејќи во едната рака срп и сноп, а во другата крст и винова лоза.

Денеска се уште се зачувани многубројни обичаи поврзани со славењето на празникот Свети Трифун. На овој ден, во Тиквешијата и останатите вински региони во Македонија рано наутро се оди во црква каде попот пее молитва и свети вода.

Откако ќе заврши богослужбата во црквата, се оди на лозјето каде попот ги прска лозите со светата вода и обредно закројува (поткаструва) три лози со благословот: “Дај Боже бериќет”. Домаќинот исто така закројува неколку гранчиња. По завршување на закројувањето, се оди во винариите каде се пие вино и се гоштева.

Винариите во Македонија на Свети Трифун имаат отворен ден.

Познатиот македонски писател и собирач на народни сказанија, Кузман Шапкарев, запишал обичаи за Свети Трифун, од струшко, каде на постсмев светецот бил нарекуван Трипун пијаница и го сметале за претседател и покровител на градинарството и лозарството, бидејќи ги чувал градинарските сеидби и лозјата од пакосните инсекти кои ги уништувале.

Зошто Св.Трифун е заштитник на лозарите?

Името на светителот Божји когошто го споменуваме на 1. Февруари (14 февруари според Грегоријанскиот календар) е св. Трифун (од хеленското τρυφη – мекост, нежност).

Маченикот Христов, Трифун, е роден околу 225 година во селото Кампсада во Фригија (Мала Азија), од сиромашни, но благочестиви и побожни родители. Уште како мал, преблагиот Бог благоволил да ја всели во него благодатта на Светиот Дух и да му подари дар на чудотворство.

Според некои стари книги-молитвеници, еднаш, по молитвите на свети Трифун биле спасени од глад жителите на Кампсада. Таму се појавиле инсекти што ги јаделе житните растенија, лисјата на дрвата и на сите растенија.

Свети Трифун, исполнет со тага поради ваквата несреќа на народот, ги кренал рацете кон Господа, молејќи го да испрати свој ангел за да ги порази штетните инсекти, притоа светиот маченик и самиот ги заколнал инсектите да се оддалечат на недостапни места, погодни за нивно живеење.

Исто така, светото дете, Трифун, исцелувал разни болести и прогонувал демони. Едно такво чудо се случило за време на владеењето на римскиот цар Гордијан, чијашто ќерка полудела од умот и со тоа го фрлила царот во голема жалост. Ниеден лекар не можел да ѝ помогне на лудата Гордијана.

Тогаш демонот прозборел преку девојката и рекол дека освен Трифун никој не може да го истера. После многумина Трифуни ширум царството, по Божја Промисла го повикале и овој млад Трифун. Го довеле во Рим и тој ја исцелил царската ќерка. Царот му подари многубројни дарови, а тој на враќање им ги разделил на сиромасите.

Потоа ова свето момче продолжило да чува гуски и да Му се моли на Бога. Кога се зацарил христоборниот Декиј, Свети Трифун бил малтретиран и свирепо измачуван заради Христа. Но, тој со голема радост ги поднел сите мачења, велејќи: „О кога би можел да се удостојам во оган и маки да завршам за името на Исус Христос, мојот Бог и Господ!“

Маките не му наштетија ни малку и најпосле мачителите го осудиле на смрт со меч. Му се помолил на Бога и издивнал на 14ти февруари 248 година пр.н.е.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.