Иако законот не е донесен, новите договори за инвестиции потпишани според новите мерки на Владата

587 Views Февруари 14, 2018 Бизнис Редакција Емагазин

Договорите за закуп на земјиште и за државна помош за двете нови странски инвестиции кои што беа објавени вчера се потпишани со одлука на Влада и се според новите мерки од Планот за економскиот раст на Владата.

Kако што информираше денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски, Владата на вчерашната седница донесе одлуки за поддршка на две нови странски инвестиции.

Прифатена е одлуката за долготраен закуп на градежно земјиште за компанијата за производство на лекови „Саген“ во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1. Донесена е и одлука за доделување државна помош на Друштвото за производство, трговија и услуги „Вик“ Македонија ДООЕЛ с.Алинци, во Технолошко индустриската развоја зона во Прилеп.

- Фармацевтската „Саген“ ќе гради фабрика за производство на лекови во Бунарџик, планира да инвестира 20 милиони евра. Инвеститороит треба да започне со изградба на фабрика во рок од две години по потпишувањето на договорот и треба да биде изградена за период од најмногу пет години и дополнително со овој договор има обврска за 300 нови вработувања. Втората компанија „Вик“ вложува во зоната во Прилеп, ќе гради фабрика за производство на прехранбени продукти и апарати за домаќинство, инвестиција тешка 6 милиони евра, информираше Бошњаковски.

Во првата фаза, Владата им дала согласност на инвеститорите за долготраен закуп на градежно земјиште.

Во однос на прашањето под кои услови се потпишуваат договорите, според старите или новите, со оглед на тоа што Закон за инвестиции во кои што се имплементирани мерките од Планот за економски раст се уште е во владина процедура и не е донесен од Собранието, Бошњаковски истакна дека овие договори се со одлука на Владата.

-Сите договори ќе бидат според новите мерки за економски раст кои што ги објавивме, а и сите нови договори со странски инвеститори кои што ќе ги склучува Владата ќе бидат според новите мерки, изјави Бошњаковски.

Законот за финансиска поддршка на инвестиции минатата недела беше ставен на Единствениот регистар на прописи (ЕНЕР) на јавна дебата, а се очекува до крајот на март месец да биде изгласан во Собранието и веќе од април да биде оперативен за компаниите.

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И СЛЕДНИТЕ СТОРИИ

Владата склучи договори со две странски инвестиции, не се знае по кои услови

Владата пред договор за државна помош со инвеститори, а новиот  закон за инвестиции не е донесен

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.