Црвен тепих за крај на новинарството во Македонија

1343 Views Февруари 16, 2018 Мој став Редакција Емагазин

Баш е жално за хумористично – сатиричните програми во Македонија. Кај ги има малку, па и се соочуваат со реален суштински проблем. Им се одзема основната есенција, пародијата и сатирата. Зошто?

Едноставно ние живееме во пародија, реалните ситуации се чиста пародија и целокупното општество се приклучува со голем чекор, земајќи им го лебот на овие емисии.

Фчерашни новости, Саботажа..., дечки тоа е!

Медиумите се предводници на таа пародија прикажана и спакувана како сериозна експертиза за банални теми претставени како врвен јавен интерес и приоритет.

И така во една реална пародија, додека се одвиваат преговори за менување на името, додека се зголемува јавниот долг и се практикува непотизам на голема врата, главна вест за медиуми, кои се декларираат како сериозни е црвениот тепих на закројување на лозјата по кој одел премиерот Зоран Заев.

Тој толку голем скандал стана тема за сериозните Фејсбук експерти (од кои повеќето не ни знаат за што зборуваат) во која за малку што не се вклучи и Илон Маск да каже дали се гледа истиов тепих од Falcon Heavy, но и на сериозни медиуми.

Ај што темава стана главна вест на еден куп истакнати медиумски работници кои „добронамерно“ го советуваат Заев, туку па истите не се ни потрудија да се информираат точно што и како се случило, за вака сериозна тема!

Се констатира и се цитираат анонимни извори!!!

Новинарски принципи, достоинство и професионализам – нема. Изјава, официјални ставови и слично... Нема потреба оти нели сите сѐ знаат однапред.

Може да прашаа ќе знаеја дека истиот тепих е таму веќе пет години. Дека се работи за симболично закројување и слично.

Новинарството во Македонија стана муабет пред кооперација во село. Но, па од друга страна и тоа е подобро оти таму се знае кој што кажал.

И гледано од оваа дистанца не ги уништи само претходниот режим медиумите, новинарите сами се уништија себе и својата професија.

Ги погазија основните принципи, кои гарантираат добро сработен новинарски текст.

Како сме тргнале, испраќаме порака дека секој може да напише што сака и тоа е новинарство.

Уште па ако стави и неколку полови органи во уста, тоа е веќе врв.

За жал нашата сакана професија е уништена. Црвениот тепих е само симболичен чин за неповратниот од на македонското новинарство кон бездната!

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.