Димитров: Македонците се подготвени да прифатат географска одредница

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во интервју за емисијата Панорама, на бугарската телевизија БНТ1, нагласи дека Македонија и Бугарија не може да ја сменат историјата, но можат заеднички да работат за подобра иднина.

Ние не можеме да ја смениме историјата. Таа е важна. Сите сме горди. Можеме да работиме заедно за да имаме поубава иднина, рече Димитров.

Според него, важно е за историјата да разговараат историчарите, а работата на политичкото раководство е поврзано со сегашноста и иднината.

Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија го определи како напредок и раст во односите меѓу двете земји.

-Време е да и покажеме на Европа дека можеме да ги решаваме проблемите како Европејци, да ги отвориме вратите и да станеме поблиски, порача македонскиот министер за надворешни работи.

Посочи дека првите резултати од Договорот се веќе видливи, појаснувајќи дека се забележува раст на трговијата, туризмот, а исто така и се интензивираат разговорите за Коридорот 8 и за железничката линија Софија-Скопје.

Во врска со спорот со Грција за името напомена дека Македонија прави се што е во нејзина моќ за да се постигне решение.

-Македонците имаат надеж дека и тие имаат волја за тоа. Не е лесно, решението е тешко, а проблемот е стар, колку што е стара нашата независност. И покрај тоа по излегувањето од кризата Македонците имаат чувство дека имаат шанса, рече Димитров и изрази благодарност кон Бугарија за враќањето на Европа во балканскиот регион.

Тој појасни дека има две цели во процесот на барање решение за името.

Едната е да има јасна разлика меѓу државата Македонија и регионот во Грција. Втората е тоа да се направи на достоинствен начин. Македонците се подготвени да прифатат географска одредница, вели шефот на македонската дипломатија.

Димитров додава дека во процесот за решавање на спорот за името во моментов се води борба меѓу силите на иднината и силите на минатото. 

Извор/фото: МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.