Подготвени ли се Македонците за промена на името

1257 Views Февруари 18, 2018 Мој став Редакција Емагазин

За разлика од Грција, каде последниве месеци, откако прашањето за името на Македонија е високо на агендите на двете држави, Македонија и Грција, работите поприлично се вжештија и меѓу народот и меѓу тамошните политичари, кај нас работите се тивки, или само навидум така изгледаат.

Најголемото изненадување е молчењето на најголемата опозициона македонска партија, ВМРО-ДПМНЕ, која изминативе години беше доста гласна за оваа прашање.

Во Грција се организираа два големи протести, а можен е и трет, на кој учесниците порачаа дека „Македонија е грчка“, а честите анкети на јавното мислење покажуваат дека мнозинството Грци се против тоа нашата земја да добие евентуално ново име кое ќе го содржи поимот Македонија.

Изминатиов период и кај нас имаше протести за името, кои поради малиот број на учесници, може слободно да се наречат симболични, а исти такви организираше и македонската дијаспора низ светот.

Малкуте анкети кои на таа тема се направија во Македонија, на социјалните мрежи се земаат со резерва.

За разлика од Грција и интелектуалците во Македонија до пред извесно време беа безгласни, а мразот пред некој ден го скршија над 200 академици, професори, уметници, бизнисмени... кои покренаа петиција против промена на името и во отворено писмо до македонските политичари побараа стопирање на преговорите за името.

Властите во Грција за разлика од нашите, секојдневно цртаат што тие би сакале, а деновиве и од соседна Бугарија јавно се изјаснија како и тие го замислуваат решавањето на долгодишниот спор со името и што тие би сакале.

Од скудните информации кои ги добиваме од македонските власти знаеме дека се подготвени за име со географска одредница, за кое никој со сигурност не би знаел да каже како би поминало на евентуален референдум, ако се постигне договор.

Од друга страна пак коалициониот партнер на СДСМ, ДУИ, континуирано повторува дека за оваа прашање не би требало да име референдум, туку да се реши по примерот со Бугарија, односно евентуалниот договор да се ратификува во Собрание.

Од малкуте информации кои ги добиваме од македонските власти, кои секојдневно повторуваат дека тоа е така за да не се влоши нивната позиција во преговорите, нејасно е за што се се преговара и договара, што создава дополнителна кофузија, имајќи го предвид фактот дека на таа тема секојдневно сме „бомбардирани“ со информации од Грција и тамошните медиуми.

До каде ќе стигнат работите и што навистина мислат Македонците ќе биде појасно до крајот на месецот, кога се надеваме дека и македонската јавност ќе има поголем увид во тоа кои се позициите на македонската Влада, не само за тоа за какво име би се сложиле, туку и дали истото би било преведено, што ќе со случи со именувањето на народот, јазикот, Уставот...

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.