Спорот за името во „Викиликс“: Папандреу барал од Груевски идентитетот и јазикот да се изостават од преговорите за името

1943 Views Февруари 20, 2018 Наша тема Никола Осило

Се поголемото интензивирање на процесот за наоѓање решение за спорот за името, кој е наметнат од страна на Грција по осамостојувањето на нашата земја придонесе на површина да испливаат документите на оваа тематика што ги објави „Викиликс“, а кои откриваат пикантерии за целиот процес.

Во оваа прилика Ви ја пренесуваме содржината на документ од американската администрација од 2009 година во кој се опишува средбата меѓу висок функционер на САД со поранешниот премиер на Грција, Јоргос Папандреу, на која меѓудругото се разговарало и за спорот со името.

„Папандреу му кажа на Стајнберг дека се обидува да креира нова атмосфера на доверба со спротивната страна односно со премиерот Никола Груевски преку низа билатерални средби и комуникација, како и преку процесот на преговори под водство на посредникот на ОН, Метју Нимиц.

Папандреу верува дека Република Северна Македонија би било прифатливо решение за името и дека би требало да се најдат решенија за други теми, како каде и кога би се употребувало. Папндреу пренесе дека му кажал на Груевски дека позицијата на неговата земја за „ерга омнес“ не била со намера да се присили земјата на промена на Уставот, туку да биде сигурна дека нема да има „втора рунда“ во напорите на Скопје да добие признавање под уставното име“, пишува во документот.

Во него се додава дека клучно прашање за Грција било ова име да се употребува во меѓународните организации, трети тела, важни билатерални односи и ова прашање да се реши еднаш засекогаш.

„Тој му предложил на Груевски прашањата за идентитетот и јазикот да бидат тргнати на страна. Премиерот почувствувал позитивен моментум по неговата прва средба со Груевски, но во втората рунда, Груевски сакал различно име и инсистирал името и идентитетот да бидат „Македонски“. Во прилог, еден ден по средбата во Преспа, Груевски давал јавни изјави за тоа што наводно му кажал Папандреу на средбата. Тоа ја стави Грција во многу тешка позиција, му рече Папандреу на Стајнберг“, пишува во документот.

Стајнберг ги поздравил напорите на Папандреу за создавање атмосфера на доверба, но укажал дека тоа не треба да биде замена за прогрес.

„Тој му укажал на премиерот од потребата да се воспостават јасни канали на комуникација за да се минимизираат нејаснотиите од прватните и јавните пораки. Тој се согласил дека инстиктивното барање на Папандреу да се најде решение за името, а псевдо-прашањата за идентитетот и јазикот да се изостават е правилно.

Тој исто така изјавил дека прашањето за „ерга омнес“ бара прагматично разбирање од двете страни и дека клучот ќе биде меѓународните организации и важните билатерални актери да го прифатат заедничкото решение“, пишува во документот.

Стајнберг, меѓудругото, му укажал на Папандреу дека колку и да е позитивно создавањето позитивна атмосфера времето не е на страна на процесот, посебно поради тоа што има само уште една недела до состанокот на Европскиот совет закажан за 10 декември.

Тој побарал од Папандреу да го искористи овој состанок не како уште една бариера, туку како мост за решавање на овој долгогодишен спор и му укажал дека неизмерливи би биле позитивните ефекти за Балканот доколку сега се реши прашањето за името.

Папандреу на тоа одговорил дека Грција ја сака Македонија во ЕУ, бидејќи е нејзин природен сојузник и дека е подготвена да го реши ова прашање доколку Груевски го прифати новото име, генералната меѓународна употреба и доколку ги изостави јазикот и идентитетот.

Оргиналниот документ ТУКА.

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

Спорот за името во „Викиликс“: Црвенковски бил шокиран од конструктивноста на Груевски

Спорот за името во „Викиликс“: Фрустрациите на Али Ахмети

Спорот за името во „Викиликс“: Владата на Груевски уште во 2008 година понудила заедничко ревидирање на историските учебници со Грција

Спорот за името во „Викиликс“: Германија не сакала да лобира кај Грција и Македонија

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!