Интернетот не препознава маж или жена, туку само вештини и знаења

Дигитализацијата создава еднакви можности за сите без разлика на полот, бидејќи интернетот ги препознава само вештините, знаењата и способностите, рече министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски на првата конференција „Дигиталната ера и жената“ која денеска се одржа во хотел „Мериот“.

Главната тема на конференцијата беше улогата и значењето на дигиталната технологија во развојот на општеството, како и нејзиниот придонес за еднакво учество на жените и мажите во сите општествени процеси, вклучувајќи го и бизнисот.

– Друга придобивка на дигитализацијата е што создава огромна можност за економски развој. Таа носи развој, обединува луѓе и ги прави услугите побрзи, поевтини и поефикасни. Исто така овозможува надминување на родовите јазови – рече Манчевски.

Министерот на оваа конференција им порача на жените да продолжат со борбата за рамноправност и истакна дека во неговиот кабинет има шест жени кои се професионални и се најдобри во она што го работат.

Додаде дека во администрацијата многу малку жени се на раководните позиции, но Владата до 2020 година со законски измени, планира зголемување на бројот на жените во политиката до 50 проценти. Манчевски се придружи на повикот на еврокомесарката Мариа Габриел, дека нема да прифати учество на ниту една конференција, ако нема минимум една жена учесник.

Директорот на „Вип“, Мислав Галер рече дека дигиталната трансформација ги анулира различностите, бидејќи сите ја прифаќаат дигитализацијата и брзо се адаптираат на новите трендови.

Во неговата презентација наведе дека од седум милијарди луѓе на земјата, околу 4 милијарди користат интернет, а од тие, три милијарди се на социјалните мрежи.

– Од вкупниот број на корисници на Интернет, пет милијарди користат уреди со екрани. Осум и пол милијарди луѓе прават мобилна конекција, бидејќи користат повеќе екрани во исто време. Пенетрацијата на паметните телефони е зголемена за 50 проценти, а 3 милијарди луѓе ги користат социјалните мрежи за редовна комуникација – истакна Галер.

Тој рече дека „Вип“ како компанија е доказ за родова еднаквост, па така, од вкупно 1.100 вработени 50 отсто се жени, од кои 46 отсто се на менаџерските позиции во компанијата.

ПР консултантката и обучувач, Славица Биљарска вели дека дигитализацијата овозможува полесна и побрза работа, соработка со клиенти кои не се од Македонија, одржување на состаноци без физичко присуство.

– Но, дигитализацијата значи и одземање на слободното време со следење и одговарање на пораки и на меилови веднаш – додаде Биљарска.

Според последното истражување направено во февруари, 99,5 отсто од луѓето во Македонија имаат барем еден телевзиор, а 100 отсто имаат мобилни телефони, 78 отсто од испитаниците лап-топ, 35 отсто – таблет, 76 отсто – паметни телефони, а 24 отсто купуваат онлајн.

извор: meta.mk

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.