Се одбележуваат 75 години од грозоморниот чин: Ретка видео-снимка од депортацијата на Евреите од Македонија

3224 Views Mарт 11, 2018 Ретро Никола Осило

Со повеќе настани деновиве во Скопје, Битола и Штип се одбележуваат 75 години од депортацијата на 7.144 македонски Евреи во логорот Треблинка за време на нацистичката окупација.

Сеќавањето на кобното утро на 11 март пред 75 години, денеска во Битола беше одбележано со Марш на животот, во кој учествуваа неколку илјади битолчани и гости од Германија и Израел.

„Холокаустот е еден од најмрачните периоди на човековата цивилизација во минатиот век затоа што на најбрутален начин беа ликвидирани над шест милиони мажи, жени, деца и старци, само затоа што беа Евреи, а меѓу нив и 7 144 Евреи од територијата на денешна Република Македонија“, рече претседателот на Собранието Талат Џафери во обраќањето на настанот во сеќавање на депортираните Евреи од Битола пред 75 години.

Јасно и гласно кажуваме, нагласи Џафери, дека никогаш нема да го заборавиме холокаустот и никогаш нема да дозволиме извитоперување на историските факти во смисла на негово негирање.

Денешниот комеморативен собир и маршот во Битола го поддржа и заменик-министерот за одбрана на Израел, рабин Елиаху Михаил Бендахан, кој нагласи дека собирот во овој град бил одлична и уникатна можност да се соберат сите кои сакаат да потсетат на Евреите кои како заедница живееле во Битола.

„Приказната за Битола се уште не е доволно раскажана, бидејќи не останаа живи луѓе што може да ја раскажат вистината за Битола, за утрото кога Евреите беа одведени во логорот на смртта во Треблинка. Им се заблагодарувам на луѓето во Македонија што денес маршираат за Евреите и што се грижат за Еврејските гробишта во Битола“, рече Бендахан.

Владина делегација предводена од министерката задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска денеска положи цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи и пред споменикот на паднатите борци во Народноослободителната борба на Градските гробишта Бутел во Скопје.

Комеморативната програма ќе продолжи вечер во Македонската филхармонија и утре со симболичен Марш на живите и положување цвеќе на споменикот на 7.144-те македонски Евреи во кругот на Империал Тобако ТКС (поранешен Монопол), местото од каде што во март 1943 година биле депортирани кон логорот на смртта Треблинка.

Видео/Фото: Youtube/Драган Зајковски/МРТ

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!

Најчитани вести