Мицкоски од Струмица: ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на седницата за Законот за јазици, бараме амандманска расправа

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска од Струмица ја почна кампањата за посета на градовите и селата во Македонија и посети на општинските комитети на партијата. 

Од партијата, како што најавија пред неколку дена, со оваа активност очекуваат да соберат голем број идеи, кои во иднина би биле навигација за новата програма, која ВМРО-ДПМНЕ по завршувањето на посетите ќе ја промовира.

Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе учествуваат на утрешната седница на Собранието, на која се најавува донесување на Законот за јазици, но партијата бараат разгледување на нивните амандмани и отворање на амандманска расправа.

Мицкоски рече дека и во минатото ВМРО-ДПМНЕ апелирале за разум, почитување на законите, Деловникот на Собранието и Уставот на Република Македонија.

- Понудивме решение кое се темели на формирање на работни групи, кои ќе бидат составени од сите парламентарни политички партии, ќе биде вклучена експертската јавност, ќе бидат вклучени претставници од МАНУ и кабинетот на претседателот на државата. Темата е чувствителна. Во минатото видовме дека оваа тема предизвика голем број реакции и кај експертската јавност, но и во општата јавност во Република Македонија, изјави Мицкоски. 

Повика на разум и избегнување на, како што рече, лоши сценарија и избегнување на опцијата за парламентарен терор на мнозинството врз малцинството.

- Повикувам уште еднаш за разум. Повикувам уште еднаш за почитување на Деловникот, почитување на законите, бидејќи ова не смее да се дозволи. Лошо ќе влијае врз Република Македонија, за имиџот на Република Македонија и пред меѓународната заедница, но и пред домашната јавност. Затоа уште еднаш за последен пат повикувам за разум.

Да се избегне едно девијатно однесување во Парламентот, насилно усвојување на овој закон и повикувам на почитување на Деловникот и разгледување на амандманите и отворање на амандманска расправа, која што ВМРО-ДПМНЕ ја очекува за време на утрешната седница на Собранието. Сето останато ќе предизвика реперкусии и за тој што ќе се одлучи да ги прекрши законите, но и сите оние кои што ќе го поддржат во таа постапка, рече Мицкоски.

На прашањето како ВМРО-ДПМНЕ ќе дејствува на утрешната седница, Мицкоски одговори дека нивните пратеници ќе присуствуваат на седницата, а за натамошните чекори јавноста ќе била благовремено информирана. 

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.