Правила кои мора да ги знаете ако сакате да отворите продавница

Продажни објекти во кои се врши трговија на мало на стоки со различни начини на продажба преку послужување, самопослужување и стоковни куќи и бензински станици продавници, за да можат да вршат трговија мора да ги исполнуваат минимално техничките услови како и други услови пропишани со закон во зависност од видот и начинот за вршење на трговија.

Најпрво стоките што се пуштени во промет треба да одговараат на физичко-хемиските и органолептичките својства, да се спакувани, декларирани, означени, односно обележени, согласно со закон.

Исто така стоките треба да се сообразени со пропишаните технички барања просле­дени со документи определени во техничките прописи со обезбеден сервис, резервни делови без кои производите не можат да се користат за својата намена.

Продажните објекти треба да бидат изградени, уредени, опремени и приклучени на објекти и уреди на комунална инфраструктура и тоа: водоводна мрежа, одвод на отпадни води и електрична мрежа.

По исклучок, доколку продажните објекти се наоѓаат во неурбанизирано подрачје на кое не се изградени објекти и уреди на комуналната инфраструктура, објектите треба да бидат изведени, уредени и опремени во согласност со соодветните технички норми и технички прописи.

На влезот на продажниот објект треба на воочлив начин да биде истакнат називот на фирмата на правното или физичкото лице кое врши трговија, седиштето на правното или физичкото лице, телефонскиот број, како и други посебни ознаки   согласно дејноста и видот на продажниот објект.

Називот на фирмата  во ноќните часови треба да биде осветлен. Исто така на влезот на продажниот објект треба на воочлив начин да биде истакнат и телефонскиот број на државниот пазарен инспекторат.

Пристапната површина пред продажниот објект треба да биде уредена и опремена на начин кој овозможува лесно чистење и одржување на таа површина и изведено така да овозможи непречен влез и пристап до продажниот објект согласно посебните прописи.

Просторот пред продажниот објект може да се користи под следните услови:

– да изнесува најмногу до една третина од пристапната површина на продажниот објект сметано од предната влезна врата до работ на тротоарот, патеката или просторот пред продажниот објект

– да не се оградува или затвора на било кој начин

– да не го попречува движењето на луѓето и потрошувачите

– да биде опремен со подвижни гондоли или продажни тезги и соодветна опрема за продажба на отворено 

– да не се врши печење или приготвување на прехранбени производи кои се предмет на трговија.

Посебни услови за продавниците

Просторот пред влезот во продавницата треба да биде осветлен.

Продавницата која е изградена на три или повеќе ката треба да има изградено скали со ширина од најмалку 1,1 метар, доколку во продавницата се продаваат тешки и кабасти стоки, а за продавниците  со површина од над 1.200 м2  треба да имаат вграден лифт за четири и повеќе лица или подвижни скали (елеватор).

Подот во продавницата треба да биде изведен од материјал кој може лесно да се чисти (терацо, камен, керамички плочки, одредени вградени смеси, гума и слично), треба да биде рамен и мазен и не треба да биде лизгав. Ѕидовите и таванот на продавницата треба да бидат обоени и не треба да бидат оштетени.

Во продавницата или во делот на продавницата во кои се врши продажба на свежо месо и риба, ѕидовите треба да бидат обложени со керамички плочки  до висина од најмалку 1,8 метри од подот.

Продавниците треба да имаат санитарен јазол и топла и ладна вода за сопствени потреби. За продавниците со корисна површина над 1.200 м2 треба да имаат санитарни јазли со претпростор и умивалник со топла и ладна вода поодделно за мажи и жени.

Продавниците со продажен простор над 1.200 м2   треба да имаат агрегат за производство на електрична енергија за осветлување и погон на разладните тела. Исто така продавницата треба да има обезбедено добро природно и вештачко проветрување на просториите.

Продавница во која се печат и пржат пилиња, месо, риби и колбаси треба да имаат дополнителен апарат за вештачко проветрување со капацитет кој обезбедува потполно изнесување на загадениот воздух од продавниците.

Продавницата треба да биде опремена со рафтови, тезги, продажни маси, гондоли и друга слична опрема зависно од организацијата на работењето и видот на стоката која се продава во продавницата.

Продавницата треба да користи фискална каса и мерила (ваги и сл.). Фискалната каса и мерилата треба да бидат поставени на места што ќе овозможат увид на потрошувачите.

За продавниците во која се врши продажба на облека треба да има кабини за проба. Кабините треба да бидат осветлени, да имаат огледало и закачалка. Во продавницата во која се продаваат обувки треба да имаат најмалку две седишта и огледало. Додека за продавниците во која се врши продажба на лесно расипливи прехранбени стоки треба да има разладни уреди

Продавницата во која продажбата на стока на мало се врши претежно со самопослужување на потрошувачите, а нејзиниот простор е поголем од 400 м2 покрај горенаведените услови треба да ги исполнува и следните услови:

– да има соодветен број на кошници и колички за носење на стоката

– растојанието помеѓу полиците со изложена стока треба да изнесува   најмалку 1 метар, а ако се користат   колички најмалку 1,20 метри

– при влезот да има посебен простор за оставање на чување на стоките што ги внесува купувачот и

–  да има посебна просторија за прием и складирање на стоките.

Трговецот е должен исполнувањето на условите  и започнувањето со работа да го пријави на Државниот пазарен инспекторат и на надлежниот орган на општината, односно Градот Скопје најмалку 15 дена пред почетокот на работењето на продажниот или друг деловен објект.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Најчитани вести