Елена Панова, маркетинг директорка во Вип: Создаваме иновативни решенија со висока додадена вредност за супериорно корисничко искуство

За најновите современи и иновативни технолошки решенија кои им ги нуди Вип на своите корисници, еМагазин разговараше со Елена Панова, маркетинг директорка во Вип.

Кои се најновите трендови во светот во дигиталната технологија, особено во сегментот на комуникациите?

Живееме во ерата на т.н. четврта индустриска револуција, која е различна од сите останати претходно – тоа е ерата на дигиталната револуција која го менува нашиот начин на живот, го менува начинот на кој работиме и комуницираме меѓу себе. Накратко дигиталната ера го менува во суштина човештвото.

Повеќе не е само научна фантастика вештачката интелигенција, роботизација за извршување на рутински активности, “big data” –  туку реалност.  Оттука користење на сите податоци кои апликациите ги бележат врз основа на нашите активности и врз основа на кои компаниите доаѓаат до нас со свои решенија и понуди прилагодени на нашите потреби. 

Покрај тоа, тренд се IoT (Internet of Things) решенија како „Smart home“ и „Smart city“ решенијата кои врз база на сензори и апликации ни овозможуваат поголема контрола на сите уреди во домаќинството без разлика каде се наоѓаме, или овозможуваат паметно паркирање и ефикасно искористување на ресурсите во градовите. 

Во овој сегмент напредокот оди многу брзо. За само неколку години како резултат на дигитализацијата нашето живеење во домовите ќе биде многу поразлично, а истото ќе се случи и во заедницата. Веќе сме сведоци на возила кои се управуваат дигитално, а според проценките за 20 години нивната употреба ќе биде масовна. Основа на сето тоа се дигиталните комуникации и можностите што ги нудат тие.

Kолку тие се достапни за македонските корисници?

Ние како држава можеме да се пофалиме со многу добра пенетрација на интернет, дури и до најоддалечените места во државата. Нашите корисници се он-лајн, ги следат сите модерни текови и ги прифаќаат промените кои ги носи дигиталната технологија.

Она што сепак до одредена мера е хендикеп за сите нас е што поголем дел од тие решенија се со повисоки цени и тешко достапни за нашиот пазар кој за жал е ценовно сензитивен. Меѓутоа, јас сум оптимист – развојот на дигиталната технологија е експоненцијален, прашање на време е кога сите тие решенија ќе станат достапни по пониски цени, а со тоа ќе може да се доближат до поголем број корисници и кога сите ние ќе можеме да ги почувствуваме сите придобивки од оваа нова ера.



Какви современи и иновативни технолошки решенија им нуди Вип на своите корисници?

Вип е дел од големата А1 Телеком Австрија Групација, која е водечки провајдер на дигитални услуги и комуникациски решенија во Централна и Источна Европа. А1 Телеком Австрија Групацијата од друга страна е дел од моќната групација América Móvil – ова за нас значи голема предност во однос на технолошките решенија кои можеме да ги понудиме на нашите корисници.

Од една страна, имаме одлични можности за размена на искуства и знаења со искусни професионалци од двете групации, а од друга страна, имаме можност за имплементација на решенија кои се развиваат на групациско ниво.

Vip Combo Box e иновативен производ со кој имаме можност да им обезбедиме интернет на нашите корисници на најоддалечените места.

Покрај тоа, услугата Vip Now им овозможува да гледаат интерактивна телевизија на сите екрани, дури и кога се во движење, а интерактивната телевизија која е достапна во најголем дел од реоните со кабелска покриеност навистина влијае на подобрување на корисничкото искуство – корисниците имаат можност за 50 канали да користат интерактивни функционалности како: паузирање, снимање програми, враќање програма до 7 дена наназад, сè во насока на поддршка на динамичниот начин на живот, кога ни треба поголема флексибилност и поголема слобода да го организираме нашето време на начин кој најмногу ни одговара, а притоа да останеме во тек со содржините кои ни се интересни и не сакаме да ги пропуштиме.

Нашата цел е постојано да го подобруваме корисничкото искуство, да создаваме и нудиме иновативни решенија кои ќе додадат вредност за нашите корисници и во таа насока ќе продолжиме да работиме поинтензивно во наредниот период.

Според ваша проценка, какво влијание има современата дигитална технологија врз развојот на маркетингот? Колку сме ние блиску или далеку зад светот во поглед на развојот на дигиталниот маркетинг?

Огромно. Како за илустрација, во светски рамки 2017 година е првата година кога трошоците за дигитално рекламирање ги надминаа трошоците за ТВ рекламирање.

Ако традиционалниот маркетинг е фокусиран на еднонасочна комуникација за што се потребни голем број истражувања за да најдеме каде е нашата таргет група, кои интереси ги има, како најефикасно да стигнеме до неа, во дигиталниот маркетинг постојано имаме двонасочна комуникација.

Тука корисникот се јавува во улога на креатор на содржини, многу побрз е фидбекот кој го добиваме за секоја маркетинг акција и многу побрзо можеме да изреагираме со подобрувања на нашите производи и услуги со цел да ги доближиме до нашите крајни корисници. Во однос на тоа колку сме блиску или далеку, можам да кажам дека со брзи чекори секојдневно се доближуваме сè повеќе до светските трендови.

Во последниот период ние како компанија сè повеќе се фокусираме на дигитален маркетинг: креираме содржини кои се наменети исклучиво за социјални мрежи и се обидуваме на интересен начин да ги заинтригираме нашите, како и потенцијалните корисници за услугите кои Вип ги има во своето портфолио. Работиме на воведување ефикасни алатки за дигитално рекламирање со кои ќе осигураме дека секој корисник ќе добие понуда прилагодена на неговите потреби и барања.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Најчитани вести