Општините и туристичките компании може да користат 21 милиони евра за развој на локалниот туризам

Oпштините, здруженијата и приватните компании може да аплицираат за 21 милиони евра за инвестиции во инфраструктурни и неинфраструктурни проектни активности, а кои ќе придонесат за поконкурентен и одржлив локален и национален туристички развој.

18 милиони евра се обезбедени од ИПА-програмата на Европска комисија, а три милиони евра се од буџетот, повикот е администриран од Светска банка.

Вицепремиерот, Кочо Анѓушев рече дека најголем интерес очекува од општините, за да си ја подобрат инфраструктурата од која најголем интерес имаат сите граѓани.

„Се сретнав со речиси сите градоначалници на кои им укажав дека кога ќе излезе овој повик треба да излезат со готови проекти, а не сега да ги изготвуваат. Добар дел од нив, веќе ме информираа дека се подготвени. За општините кои немаат капацитети, има пари за техничка помош за да направат проекти“, рече Анѓушев.

Директорот на канцеларијата на Светска банка, Марко Мантованели рече дека туризмот е значајна гранка за развој на економијата и тој учествува со 10 проценти во светскиот БДП.

„Преку конкурентноста го гледаме развојот на туризмот. Земјата има голем потенцијал и заслужува туристички да биде препознаена во светот. Студијата на Светска банка објавена лани покажува дека ефектите од туризмот се поддршка на економскиот развој, вработувања, заштита на околината, вкрстување на културните вредности. Но, туризмот треба да биде одржлив за да ги даде потребните резултати. Како несакани последици може да биде лошата употреба на природните ресурси“, рече Мантованели.

Со овие финансиски средства предвидено е подобрување на квалитетот на услуги, јакнење на капацитетите за водење и вештини на лиценцирани туристички водичи, собирање на отпад и култура на управување со отпад, сигнализации и попатни информации на патиштата, попатна инфраструктура за посетители.

За општините се предвидени еден, односно три милиони евра грант доколку имаат регионален пристап, за малите и средни претпријатија, доколку има здружување предвидени се 300.000 евра.

За сите дополнителни информации заинтересираните може да се обратат на 3253 818 или на info@lcrp.org.mk

Фото: exploring macedonia

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.