Владата го продолжи договорот со кинеската „Синохидро“: Автопатот Кичево-Охрид ќе не чини над половина милијарда евра

3547 Views Mарт 21, 2018 Бизнис Никола Осило

Владата на вчерашната седница го прифати текстот на Анекс бр. 1 кон Договорот за изградба на патната делница Кичево-Охрид за продолжување на рокот за изградба помеѓу Јавното претпријатие за државни патишта и „Синохидро“.

„Владата на Република Македонија ја разгледа и ја усвои Информацијата за потребата од донесување на Закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци - Штип и патна делница Кичево - Охрид, и го разгледа и го прифати текстот на Анексот бр. 1 кон Договорот за изградба на патна делница Кичево - Охрид заради продолжување на рокот за изградба помеѓу Јавното претпријатие за државни патишта и Sinohydro Corporation Limited“, наведуваат во соопштението од владината прес-служба.

„еМагазин“ неодамна пишуваше дека „Синохидро“ бара дополнители 145 милиони евра за да ја продолжи изградбата на автопатот Кичево-Охрид.

Изградбата на оваа автопатска делница беше стопирана, бидејќи има грешка во трасата.

Според вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев кинеската компанија поставувала неповолни услови кон македонските компании, а Владата имала две опции или да го раскине договорот со нив или да го продолжи и да издвои нови средства.

Анѓушев откри дека настанал сериозен проблем пред потпишување на анексот.

„Сега Владата е ставена во позиција да избира помеѓу две зла - првото да го раскине договорот, а второто да го продолжи, но со нови услови, кои се крајно неповолни за дел од македонските компании кои се јавуваат како подизведувачи“, рече Анѓушев.

Автопатот Кичево-Охрид во должина од 57 километри почна да се гради во 2014 година и требаше да биде готов во јануари годинава. Цената на потпишаниот договор за овој автопат беше 373 милиони евра, но по откриените бројни нерегуларности и нерешени имотно правни односи се чека на потпишување на анекс на договорот.

Со овие дополнителни средства кои што ги бара кинеската компанија цената на изградба на автопатот од Кичево до Охрид ќе достигне нешто над половина милијарда евра или точно 518 милиони евра, со што ќе стане еден од најскапите автопатски делници изградени во земјава.

Владата најави дека рокот за изградба на автопатот ќе се пролонгира за уште три години, но сѐ уште се чека на потпишувањето на анексите за продлолжување на рокот за градба и за дополнителната сума што треба да се исплати.

Фото: Министерство за транспорт и врски

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!