ЕУ даде зелено светло: „Баер“ го купува „Монсанто“ за 66 милијарди долари

Европската унија одобри „Баер“ да го купи „Монсанто“ за 66 милијарди долари, под услов да се ослободат компанијата и правата во вредност од 7,4 милијарди долари со цел да се обезбеди фер конкуренција на пазарот.

Овој договор внимателно го набљудуваат ривалските компании и еколошки организации.

Еврокомесарката за конкуренција Маргрет Вестагер изјави дека двете страни се договориле за продажба на правата во вредност од над шест милијарди евра и со тоа се отстранети грижите на ЕК во врска со конкуренцијата.

„Монсанто“ во септември минатата година ја прифати понудата на „Баер“ за купување акции во вредност од 57 милијарди долари и преземање долг од девет милијарди долари.

Директорот на „Баер“, Вернер Бауман изјави дека одобрението на ЕК е „голем успех“, додавајќи дека компаниите и понатаму работат со американските власти околу договорот за кој се надеваат дека ќе биде конечен во вториот квартал од годинава.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.