Ќе сонуваат ли македонските компании за рускиот пазар

Во услови кога македонските компании мака мачат да се пробијат на странските пазари се чини дека државата наместо да им ги отвара вратите, им ги затвара. 

Со години се бара начин за полесен пласман на рускиот пазар, а само со една одлука на Владата за протерување на рускиот дипломат од Македонија сите напори може да паднат во вода.

Иако Владата се повикува на законски прописи и на Виенската конвенција како оправдување за одлуката која што ја донесе за протерувањето на рускиот дипломат од Македонија, сепак Руската амбасада објави дека Македонија ќе си ги сноси последиците за ваквата постапка.

Но, освен нарушување на односите меѓу двете земји, може да следат уште полоши последници, пред се во делот на економската соработа меѓу двете земји.

Што покажуваат бројките за трговска соработка меѓу Македонија и Русија?

Според податоците во изминатите пет години трговската размена меѓу Македонија и Русија е во рамки од околу 170 до 200 милиони евра годишно, при тоа што Русија увезува двојно повеќе отколку што Македонија извезува, односно македонските компании на рускиот пазар пласираат производи во вредност од околу 40 милиони евра годишно со тенденции за раст.

Најизвезувани македонски производи на рускиот пазар се фармацевтски производи, овошје и зеленчук и конзервни производи и вино, а од пред две години се отвори и можност за извоз на месо и млечни производи.



Од друга страна вкупната вредност на увоз од Русија во Македонија се движи на ниво од околу 130 милиони евра годишно при што најголемо учество имаат енергенсите.

Последните десетина години зголемени се и инвестициите на руските компании во Македонија. Според податоците од Македонско-руската стопанска комора, висината на досегашните руски инвестиции во Македонија е околу 100 милиони долари.

Тука влегуваат енергетскиот гигант Лукоил, како најголема инвестиција, потоа Продис, Гришко, Стројтрансгаз, Пејнет, Те-То, инвестициите на рускиот бизнисмен, Сергеј Самсоненко и др.

Тоа покажува дека Русија е на листата на топ 10 земји со кои Македонија соработува, но можностите се уште поголеми со оглед на тоа што Македонија е мала и отворена земја, а рускиот пазар е голем, со огромен потенцијал пред се за прехранбената индустрија.

Прашањето е дали Владата ги земала во предвид потребите на македонските компании кога решила да донесе ваква одлука, зошто на крајот ваквата одлука токму тие ќе ја платата најскапо.

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

За сега нема најави за реципрочни или други мерки од Русија за Македонија

Македонија и Русија 24 години имаа дипломатски односи без никаква дамка: Направи ли Владата погрешен чекор? 

По протерувањето на руски дипломат, ќе ја смени ли Русија одлуката за признавање на Македонија под уставното име

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.