„На Точак“ истражуваше: Велосипедистите загрозена категорија во урбаните средини

Групата ентузијасти од здружението „На точак“ кои се залагаат за подобри услови за велосипедистите направи анализа на информациите од дневните билтени на МВР и сите пријави кои се однесуваат на теми поврзани со велосипеди и велосипедисти во периодот од мај 2015 до февруари 2018 година.

„Анализата на 103-те пријави, покажа дека околу 80% од пријавите се однесуваат на случаи во урбана средина, а меѓу нив, со 31% најбројни се пријавите во Град Скопје.

Високи 78% од пријавите се од тип сообраќајна незгода во која во 88% од случаите се работи за судир помеѓу автомобил и велосипед. Речиси две третини од случаите завршуваат со тешка телесна повреда, а 20% со смрт“, велат од здружението.

 „На Точак“ покрај што ги следи објавите во Дневниот билтен на МВР, ги следи и објавите во медиумите во делот на црна хроника, односно вестите поврзани со сообраќајни незгоди во кои е настрадан велосипедист.

„Од мониторингот, може да се заклучи дека не секоја вест од медиумите е евидентирана и во билтените на МВР, но немаме одговор зошто тоа е така, односно зошто не се синхронизирани изворите.

Исто така, за пријавите за кои стои дека по сообраќајната незгода, велосипедистот се наоѓа во животна опасност, нема информација што понатаму се случило. Не се знае дали овие случаи кога за жал ќе завршат трагично влегуваат во црната статистика на жртви од сообраќај или нивната смрт се води како смрт од други последици.

Оттука, се доведува во прашање дали статистиката за жртви од сообраќај која и онака е лоша во реалност е уште полоша од она што стои во извештаите?“, информираат од здружението.

Сите детали од анализата ТУКА. 

Фото: На Точак

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!