За прв пат нема Саем на мебел, имаат ли компаниите загуба

Група на граѓани од Скопје „И саем е Скопје“ преку отворено писмо бараат да се запре уривањето на Скопски саем, местото каде што со децении се одвиваа голем број на саемски манифестации и кое собираше илјадници посетители.

Традиционално, во овој дел од годината, се одвиваше најпосетената манифестација Саем на мебел, но за прв пат, по неколку децениско одржување, компаниите од оваа индустрија нема да се соберат на едно место и да ги изложат своите производи. Голем дел од нив, сакајќи да ја задржат традицијата, организираат саем, односно ги изложуваат новите производи и даваат саемски попусти во нивните салони.

Граѓаните го кажаа својот став, но што велат компаниите?

Сопственичката на компанијата „Фејдом“, Филимена Радоњанин за „еМагазин“ вели дека Саемот за мебел, 43 години предизвикуваше традиционално огромен интерес кај луѓето од целата држава, кои имаа потреба за уредување на нивните домови со нови прчиња мебел, па дури и само да се инспирираат како подобро да го уредат домот.

„Саемот за мебел во Скопје беше долгогодишна прекрасна економска манифестација во државата каде што буквално сите компании, производители и трговци, што се поврзани со мебелот, познати и помалку познати, поголеми и помали, се презентираа во своето најдобро светло со нивните новитети и нови производи со промотивни цени. Така што на едно место во рок на една недела бевме сите заедно, се договарвме, се избираше, се одлучуваше, и така на крајот од неделата и луѓето-клиентите и ние компаниите бевме задоволни со добро завршена работа од двете страни“, вели Радоњанин.

Таа додава дека оваа манифестација станувала се попозната за посетување на купувачи од другите држави во регионот, кои можеле да ги најдат сите македонски производители на мебел на едно место, каде што се започнувале контакти за долгорочни успешни соработки.

„Исто така и добавувачите на мебел можеа на едно место да не најдат сите производители и да ни ги понудат нивните нови репро-материјали.Така што целата индустрија за мебел економски се зајакнуваше и земаше замав успешно да ја помине цела година, се до следниот Саем за мебел.

Следствено на сето тоа, секако, престанувањето со работа на Саемот за мебел во Скопје претставува и затворање на една одлична можност за презентирање на нашата компанија со овогодишните новитети кон нашите македонски и странски клиенти. И без промоција на компанијата, луѓето не би можеле да ги пронајдат производите кои им се потребни да си го разубават домот. И тоа секако води кон загуби во работењето на компанијата“, вели Радоњанин.

Оваа ситуација била инспирација, „Фејдом“ да подготви иновативен промотивен материјал на социјалните мрежи „Саем без саем”, односно „Како да се направи саем без саем?“ во нивниот Салон за мебел во ГТЦ во Скопје.

„На тој начин ги поканивме нашите клиенти директно да не посетат и да се информираат за нашите новитети и нови производи. Благодариме на сите за разбирањето за ситуацијата, ја разбраа нашата порака и ја продолживме соработката во аалонот“, објаснува Радоњанин според која, Саемот за мебел придонесувал за целата дрвна индустрија и за економскиот развој на државата. 

Еден од сопствениците на „Акрон“, Александар Пенев за „еМагазин“ вели дека секоја година Скопскиот саем за мебел ги обединувал домашните, но и странските производители, трговци и купувачи на неколкудневно дружење со изразени комерцијални ефекти.

„И покрај неизбежниот панаѓурски карактер во последните години, Саемот за мебел беше и остана единственото место каде новитетите од која било област на ентериерното уредување ја доживуваа својата масовна промоција. Во неколкуте саемски денови, новите и млади фирми имаа можност за пазарна афирмација пред широка публика. Размената на идеи и инспирација беше евидентна и секогаш присутна. Новите решенија и трендови, колку и да не беа масовни, го наоѓаа својот пат до потрошувачите“, вели Пенев.

Според него, од комерцијална гледна точка, обемот на продажба на мебел не би требало да почувствува какво било пореметување. 

„Фирмите веднаш пристапија кон алтернативните начини на промоција, каде што интернетот го има својот примат. Па сепак, саемското искуство беше и остана уникатна можност за масовен директен контакт со потрошувачите, размена на идеи меѓу компаниите и пријатно место за дружење“, додава тој.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.