(Фото) Втор ден Моден викенд Скопје пролет-лето 2018

Вториот ден од Модниот викенд за сезоната пролет-лето 2018 продолжи вчеравечер со четири ревии во Националната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“-Скопје.

Втората вечер ја отвори заедничката ревија на студентите од Факултетот за арт и дизјан при ЕУРМ, наречена „Text me“ за пролет-лето 2018, на која петнаесет студенти ги прикажаа своите креации.

Потоа публиката ја виде колекцијата на „BERNASARACI“ од Косово наречена симболично „0000“.

„Колекцијата ја карактеризираат чисти кроеви, прилично лежерен став но сепак извикува софистицираност и моќ. Да изгледаме стилизирано и да се чувствуваме во нашата кожа е мојот најважен тренд. Тоа е причината зошто колекцијата има тенденција да покаже микс на спортска и елегантна урбана девојка. Таа е самоуверена и нема потреба од многу труд за да ја покаже својата личност“, вели дизајнерката Сарачи.

Најновата колекција на „Atelier Kocareva“ која беше прикажана на вчерашната ревија е наречена „Boundless“.

„Моите модели се наменети за жената која дефинира свој личен стил и одбива да се вклопи во стереотипите во животот и модата. Таа е таму каде што сака да биде, самостојна, реализирана и ужива во поместување на границите на модните наметнувања. Целата колекција изобилува со свечени комбинации во 3 бои, парчиња со нагласен струк, голи раменици, набори, транспарентни делови и сл.“, рече Коцарева за својата нова колекција. И за крај на вечерта публиката ги вие моделите на „Pallada“ и колекцијата „El sueno“.

„Колекцијата која ја работевме заедно со мојата мајка, Снежана Палада е составена од 15 креации уникатни и рачно изработени. „El Suеñо“ што од шпански се преведува како „Сонот“, е произлезено од темата на самата колекција. Викторија Еугенија, шпанската кралица во дваесетите години на минатиот век инспирирани од тогашната мода која таа самата ја претставила во јавноста преку нејзините кралски фустани, со премногу детали а сепак едноставни и безвременски“, вели Алек Палада.

Седуманесеттиот Моден викенд Скопје кој започна на 30 март завршува вечерва.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.