Лошата берба не им ги изеде добивките на винарските визби

И покрај лошата година и берба, 2017 година била успешна за повеќето винарски визби во Македонија.

Податоците од финансиските извештаи за работењето во 2017 година кај дел од нив покажуваат и зголемена продажба.

Винарската визба Тиквеш од Кавадарци минатата година ја заврши со вкупни консолидирани приходи од 1,57 милијарди денари, што е раст од 11%, односно зголемување за 160 милиони денари. 

Растот се должи на зголемените приходи генерирани од домашниот пазар (за 8%) и од странските пазари (за 15%). Бруто добивката бележи раст од 10%, односно зголемување за 62 милиони денари на вкупно 678 милиони денари. 

„Зголемената бруто добивка и зголемените оперативни расходи за 12% резултираа со оперативна добивка од 210 милиони денари, односно зголемување за 45% во споредба со 2016 година, се вели во Билансот на успех на компанијата објавен на Македонската берза.

Финансиските расходи се намалени за 17 милиони денари. Остварена е консолидирана нето добивка од редовното работење пред оданочување во износ од 169 милиони денари односно зголемување за 85 милиони денари. 

И скопската винарија Сковин минатата година ја заврши со позитивен финансиски резултат.

Според финансискиот извештај објавен на Македонската берза оперативните приходи во 2017 година во однос на 2016 година биле намалени и изнесуваат 214.476 илјади денари. Во 2017 година приходите од продажба на домашен пазар се намалени за 12%  во однос на 2016 година, а кај приходите од продажба на странски пазари се забележува намалување од 23%. 

Поради подобро управување со производните трошоци, оперативните расходи во 2017 година бележат намалување за 25%, но се внимава да се задржат трошоците на оптимално ниво, како не би довеле до пад на квалитетот, велат од винаријата.

„Структурно гледано забележлив пад имаат трошоците за набавени матерјали, каде што имаат удел намалените откупени количини на грозје во 2017 година поради намалени приноси како резултат на лошите временски услови, а со помал процент учествуваат намалените трошоци за вработени, амортизација и останати трошоци“, се вели во образложението за работењето на компанијата минатата година.

Оперативната добивка во 2017 година изнесува 11.421 илјади денари, а истиот период во 2016 година изнесувала 9.220 илјади денари, што значи зголемување за 24%. Нето добивката во 2017 година изнесува  274 илјади денари, a минатата година истата изнесувала 305 илјади денари.

Винарската визба Попова Кула од Демир Капија пак минатата година ја заврши со вкупни приходи од 48,4 милиони денари што е намалување за 4% споредено со претходната година. Винаријата успеала лани за 3% да ги намали оперативните расходи на вкупно 49,4 милиони денари.

Според финансискиот извештај за 2017 година Попова кула остварила загуба од 1,4 милиони денари, што е продлабочување во однос на истиот период минатата година кога загубата на компанијата изнесувала 543.000 денари.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Најчитани вести