Технолошки форум во организација на Ротари клуб Скопје – Интернационал: „Вештачка интелигенција: Преглед и предизвици“

Една од водечките актуелни теми на денешницата вештачката интелигенција и нејзините потенцијали и примена, ќе биде главна тема на технолошкиот форум што ќе се одржи денес со почеток во 18:00 часот во Скопје во хотелот Гранд Плаза.

Технолошкиот форумот ќе го отвори претседателката на Ротари клуб Скопје – Интернационал проф. д-р Неда Здравева.

На форумот со наслов „Вештачка интелигенција: Преглед и предизвици“ свои стручни излагања на темата ќе имаат проф. д-р  Андреа Кулаков и доц. д-р Петре Ламески од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, при Универзитетот Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Д-р Кулаков е редовен професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, каде предава на предмети од областа на вештачка интелигенција, машинска визија и когнитивни науки. Доктор е на технички науки и магистер на когнитивни науки. Има објавено повеќе од 90 трудови.

На истиот факултет д-р Ламески е доцент и предава предмети од областа на роботиката и машинската визија. Добитник е на повеќе награди на меѓународни натпревари и на летни школи по роботика. Има објавено повеќе од 40 трудови. 

Како експерти во оваа важна тема на 21 век која во голема мерка ќе го детерминира техничкиот и технолошкиот развојот во многу блиска иднина, ќе ги претстават најновите трендови во доменот на вештачката интелигенција, а присутните ќе можат и да поставуваат прашања и да се вклучат во дискусијата, која е предвидена по завршување на излагањата на експертите.

Вештачката интелигенција станува важна тема не само во научните кругови, туку добива видлива конкретна примена и за пошироката јавност.

Во медицината веќе се одобрени постапки кои преку вештачка интелигенција дијагностицираат заболувања, а оваа напредна технологија се употребува и при одгледување на животни, во развој на различни модели за подобрување на конкурентноста на компаниите, создавање на паметни градови и многу други сегменти од човековото живеење. 

Примената станува широка, па вештачката интелигенција станува важна тема на политичките и економските лидери во светот.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.