Трговската војна помеѓу САД и Кина може лошо да влијае на европската економија

Трговската војна помеѓу САД и Кина може да биде лоша вест, бидејќи може да доведе до негативен економски раст заради зголемување на увозните цени, а со тоа и на куповната моќ на граѓаните.

Ова денеска го изјави гувернерот на Централната банка на Белгија, Јан Сметс кој гостуваше на Седмата истражувачка конференција во Охрид, организирана од Народна банка.

„Може да доведе и до недоверба на потрошувачите и инвеститорите, како резултат на лошата состојба на пазарот на капитал. На долг рок може негативно да влијае на растот на продуктивноста бидејќи трговската отвореност е многу јака детерминанта на продуктивноста“ додаде Сметс.

Бас Бекер од регионалната канцеларија на Меѓународниот монетарен фонд за Централна и Источна Европа рече дека од почетокот на глобалната криза до сега, заради кризата со еврото, растот забавуваше.

Но, лани растот бил подобар од очекуваното заради глобалното трговско засилување.

„Ако глобалната трговија забави нагло, овие позитивни изгледи за забрзано зголемување на растот ќе запрат и ќе се вратат на негативни изгледи и понизок раст“, додаде Бекер.

Фото: НБРМ

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.