(ВИДЕО) Македонските музички ѕвезди и јавни личности за декриминализација на марихуаната

Дани Димитровска, Огнен Јанески, Мими Поп Алексова, Ирена Ристиќ, Марко Новески, Дарко Костовски, Цеце Трајковска, Наталија Теодосиева и Гоце САФ, за сега дадоа подршка на кампањата на здружението за канабис и зелени политики, БИЛКА, за декриминализација на марихуаната.

Во Македонија поседувањето и на најмало количество од марихуана за лична употреба е кривично дело.

Иако член 215 од Кривичниот законик (КЗ) на Република Македонија не предвидува санкција за поседување на дроги за лична употреба, во пракса оваа одредба се применува на начин што секој корисник на дрога кој ќе биде фатен и со најмало количество на наркотична дрога во него е обвинет и најчесто осуден за кривичното дело од член 215 од КЗ, без воопшто да биде докажана намерата за промет, односно трговија со наркотични дроги (ова е дело што се врши исклучиво со умисла).

Во македонското законодавство употреба на дроги е регулирана како прекршок – „Kој се оддава на уживање на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори ќе му се изрече глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност“ (член 20 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, „Службен весник“, бр. 66/2007).

Поседувањето и употребата на дроги од кривично-правен аспект е регулирано преку две кривични дела сместени во главата „Кривични дела против здравјето на луѓето“ во КЗ.

Според член 215 став 1 од (КЗ), „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, се санкционира како поседување на наркотични дроги и психотропни супстанции заради нивна продажба, купување или пренесување.

Оваа одредба гласи: „Тој што неовластено произведува, преработува, продава или нуди на продажба или заради продажба купува, држи или пренесува или посредува во продажба или купување или на друг начин неовластено пушта во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, ќе се казни со затвор од една до десет години“.

Од 2009 година, член 215 од КЗ е дополнет со нов став (2), според кој, санкцијата за поседување на помало количество заради продажба, купување или пренесување е помала и изнесува од шест месеци до три години затвор.

„Овозможување на употреба наркотични дроги“ е уредено со член 216 став 1, каде што е наведено: „Тој што наведува друг на уживање наркотични дроги и прекурзори или му дава наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори да ги ужива тој или друго лице или ќе стави на располагање простории заради преземено од уживање наркотични дроги и психотропни супстанции или на друг начин му овозможува на друг да ужива наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, ќе се казни со затвор од една до пет години“.

Во Македонија од минатата година легално е производството на марихуана за медицински цели, за што се добива посебна дозвола, а во аптеките веќе може да купи масло од марихуана, чие производство е исто така регулирано законски.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.