Заев: Ниту во разговорите, ниту во СМС пораките немаше договарање за поткуп

Премиерот Зоран Заев по завршувањето на рочиште за случајот „Поткуп“, рече дека ниту во разговорите ниту пак во СМС пораките немало договарање на поткуп.

„Апсолутно нема ништо што е поврзано со обидите за да бидам осомничен како лице кое земало поткуп или правело напори да земе поткуп. Во сите овие разговори зборуваме со службеници од општина Струмица, како и со Иван Николов за да се забрзаат постапките, како течат постапките со сите процедури и конечната цел е да се заврши работата која што странката ја има пред општината“, изјави Заев.

Тој додаде дека во сите постапки и во сите телефонски разговори, станува збор само за завршување на предметите.

- Доказ е дека одредени предмети веќе се завршени и во тој период никој не побарал ниту пари, ниту било што и тоа само по себе потврдува дека се работи за монтиран процес, истакна Заев.

Адвокатите на Заев рекоа дека Апелацискиот суд се уште нема донесено одлука по жалбата на Обвинителството и не се знае дали јавноста ќе може да ја слуша и да ја види целосната снимка, чии делови веќе беа објавени на Јутуб и која е доказ во оваа постапка.

Следното рочиште за случајот „Поткуп“ е закажано за 30. април.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.