Вработени во Скопски пазар: Државата да се вмеша и да ги заштити нашите права

Изминаа сите рокови кои вработените во Скопски пазар им ги поставија на директорите на компанијата околу исплатата на заостанатите плати. Тие и натаму се незадоволни и велат дека и покрај ветувањата од раководството, нивната ситуација не се подобрува. 

„Платата за јануари ја исплаќаат парцијално, и со тоа само купуваат привремен мир. Веќе јас сум изгубен во бројките. Еднаш земам три илјади, еднаш пет илјади, па со месеци не земам, па пак некоја илјадарка и навистина не вртат во круг, се со цел да ги скротат вработените, кои верувајте, немаат повеќе трпение.

Сега еве за јануари плата пуштаат, а придонеси за февруари, и наводно готово, се е во ред, а нема ништо од тоа. Само не залажуваат со ситна пара и мислат дека некој им верува“, револтирано раскажува еден вработен. 

Скопски пазар на своите вработени им должи уште четвртина од платата за јануари, како и примања за февруари и март, додека придонесите за здравствено осигурување се исплатени за февруари. Ова значи дека работниците можат да се лекуваат, но само уште две недели. 

„Ние и на состанокот му укажавме на раководството дека си ги бараме нашите заработени пари. Им поставивме рок до 15-ти април да ги исплатат сите плати и придонеси, но ете тоа за жал не се случи. Како ќе постапиме во иднина ќе знаеме во следниот период, но евидентен е стравот кај вработените, особено кај оние кои беа повикувани од раководството за да се заплашат да не организираат никаков отпор. Сега залажани со некоја илјадарка молчат и работниците, но само за недела до две, кога ќе сфатат дека сето ова е привремено,“ вели вработениот во Скопски пазар.

Вработените пред две недели сведочеа дека биле повикувани во канцелариите на директорите, каде добивале закани и притисоци да престанат да излегуваат во јавност со поплаки околу неисплатените плати и придонеси. Велат дека е крајно време државата да се вмеша во случајот и да ги заштити нивните права. 

„ Ги повикуваме и државните инспекции да влезат во Скопски пазар и да проверат што се случува и да не известат нас акционерите и работниците, оти од раководството на сите наши прашања или молчат или креваат раменици,“ вели друг работник во СП и додава: 

„Јас сум втора генерација во Скопски пазар. Татко ми дочека пензија во таа фирма, а јас како сум тргнал со здравјето, не знам дали ќе дочекам. Башка што немам редовно здравство за лекување. Ние како фирма го изгубивме реномето, секаде сме црни овци, и во банките, и во болниците и во целиот систем“. 

Скопски пазар се најде во тешка состојба откако беше поразен од конкуренцијата и мораше да го напушти бизнисот со супермаркети, во кој некогаш важеше за гигант. Компанијата натрупа милионски долгови кај банките и доверителите, а продаде или издаде голем број свои атрактивни недвижности.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.