По повод еден век од раѓањето: Промовиран зборник „За и од Киро Глигоров“

Единствен глас на разумот во тешките времиња во регионот кому над секој интерес му беше мирното решение, кажаа за Киро Глигоров говорниците на денешната промоција на зборникот посветен на првиот претседател на Република Македонија.

Насловен „За и од Киро Глигоров“ тој ги содржи излагањата од конференцијата „Улогата на претседателот Глигоров во меѓународното етаблирање на Република Македонија“ која лани во мај ја организираа МАНУ и Дипломатскиот клуб-Скопје за сто години од раѓањето на Глигоров.

Со објавувањето на зборникот се одбележуваат и 25 години од приемот на Македонија во Обединетите нации (8 април 1993). Покрај излагања од учесниците, изданието има и изјави на 60-ина државници, политичари, дипломати од земјата и од странство посветени на Глигоров. Содржи и 30-ина извори на излагања на претседателот за разни поводи, исцрпна биографија и фотодокументација од неговата политичка активност.

Претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, рече дека Глигоров бил исклучително мудар политичар со 45-годишна кариера во Белград каде извршувал високи политички функции. Почитта ја стекнал со своите економски политики зашто, иако правник, е еден од креаторите на југословенскиот економски систем и на стопанските реформи.

„Кога стана претседател, многу луѓе му замеруваа дека е премногу пројугословенски ориентиран, дека настојува со сите сили да се задржи југословенската федерација, дека многу се двоумел во организирањето референдум за прогласување независност на Република Македонија итн. Но од една пристојна историска дистанца денес, кога ја гледаме целата констелација на економски, политички и меѓународни услови во тоа време, мислам дека апсолутно постапуваше мудро, разумно и постепено ги градеше и донесуваше одлуките заедно со неговите соработници,“ истакна Фити.

Во чест на еден век од раѓањето на Киро Глигоров (Штип, 3 мај 1917 - Скопје, 1 јануари 2012) Македонска пошта објави пригодна поштенска марка и плик.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!

Најчитани вести