Поднесени две кривични пријави против поранешниот директор на ЈП „Исар“ од Штип

717 Views Април 17, 2018 Локално Никола Осило

Секторот за внатрешни работи Штип до надлежното ОЈО, за два одвоени случаи, поднесе кривични пријави против А.Б.(43) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела - „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Во првиот случај на 03.07.2017 година пријавениот, како директор на јавното претпријатие „Исар“ – Штип, без изготвен и одобрен финансиски план на годишно ниво и без одлука на управниот одбор на Јавното претпријатие, склучил договор за адвокатски услуги со адвокат од Штип, со важност до 15.08.2021 година, со што започнувајќи од 15.08.2018 година го обврзал Јавното претпријати да плаќа по 33.880 денари месечно за адвокатски услуги.

Притоа со клаузула во договорот, според која, доколку договорот биде раскинат Јавното претпријатие е обврзано да ја плати целата сума за целиот период од четири години. Со ова пријавениот создал обврска на јавното претпријатие од вкупно 1.699.065 денари.

Во вториот случај, пак, во текот на минатата година пријавениот, исто така, без изготвен и одобрен финансиски план на годишно ниво и без одлука на управниот одбор на Јавното претпријатие, склучил три договори за услуги со правно лице од Штип со важност до 2021 година со клаузула според која доколку договорите бидат раскинати Јавното претпријатие е обврзано да ја плати целата сума за целиот периодот од три години.

Со ова пријавениот создал обврска на Јавното претпријатие “Исар” од вкупно 4.460.400 денари.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!