Замрзнат имотот на „Балкан енерџи“: Богољуб Макревски назначен за привремен стечаен управник

2674 Views Април 20, 2018 Бизнис Никола Осило

Централниот Регистар на Република Македонија постапувајќи по службена должност за упис на решение за поведување на претходна постапка на Основен Суд Скопје 2 Скопје во друштвото за производство на топлинска енергија Производство на топлина Балкан енерџи ДООЕЛ Скопје донесе решение со кое се одобрува пријавата.

„Со Решение I СТ-103/18 од 13.04.2018 година на Основен суд Скопје 2 Скопје се поведува претходна постапка за испитување на условите за отворање на стечајна постапка над должникот друштво за производство на топлинска енергија Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје.

Се закажува рочиште поради изјаснување по предлогот за отворање на стечајна постапка на ден 10.05.2018 година во 13,15 часот, во судница број II на 1-ви кат нов дел.

Се определуваат следните мерки за обезбедување: За привремен стечаен управник се определува лице Богољуб Макревски.

Се задолжува привремениот стечаен управник да го заштити имотот на должникот со сите соодветни средства, да дава согласност на органите за управување на должникот за водење на работењето се до донесување на одлука за отворање на стечајна постапка со цел да се избегне значително намалување на имотот и да испита дали должникот има имот над кој може да се отвори и е доволен за спроведување на стечајната постапка и намирување на трошоците на стечајната постапка и побарувањата на доверителите и да изготви извештај за економско финансиската состојба на должникот.

Се одредува општа забрана за располагање со имотот на должникот. Се забранува одредување или спроведување на присилно извршување или обезбедување против должникот и се забранува исплати од сметките на должникот.

Се повикуваат должниците на должникот своите обврски да ги исполнуваат, а должниковите солидарни содолжници и гаранти без одлагање да ги исполнат своите обврски кон должникот, се задолжува должникот да му овозможи на привремениот стечаен управник да влезе во неговите деловни простории за да може да ги спроведе потребните дејствија, како и да му допушти увид во трговските книги и неговата деловна документација.

Се задолжува привремениот стечаен управник во прилог на Извештајот за економско - финансиската состојба на должникот да ги достави и следните потврди: потврда од Агенцијата за катастар на недвижности, потврда од МВР, потврда од Централен депозитар за хартии од вредност, потврда од Заложен регистар, потврда од Централниот регистар на РМ дали должникот располага со имот во друго трговско друштво. 

Да се објави оглас на веб страница на Централен регистар на Република Македонија - Регионална регистрациона канцеларија - Скопје, во Службен весник на Република Македонија , на огласна табла на судот и на веб страница на Основен суд Скопје II Скопје“, пишува во судското решение.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!