(Фото) Меланија не слуша со едното уво и треба да ѝ се извадат крајниците, но пари нема ни за крвна слика

Седумгодишната Меланија од Куманово, во населбата Бабин дол не пречека со очи отворени полни надеж, дека за здравствен проблем што е чест кај децата, и за неа конечно ќе се најде решение.

Во овие услови во кои сега живее, речиси е невозможна мисија да се патува до Скопје, да се направат потребните брисеви и крвна слика, кои се препорачани од лекар,  за потоа да и се извадат крајниците.

Таа на 3,5 годишна возраст имала воспаление на левото уво, по што не слуша.

„Најмногу што посакувам е ќерка ми да биде здрава и да и се подобри слухот. Но немам пари за да се оперира. Некому 150-200 денари за крвна слика и брисеви не му се ништо, но за мене се многу“, раскажува нејзиниот татко Трајко Василевски.

Тој вели дека сака неговите две деца, Меланија и двегодишната Габриела да бидат среќни како другите и да имаат детство како сите деца.

„Сакам мојата ќерка да биде радосна и среќна. Како и другите деца сака точак, но не можам да и купам. Треба исто така и да се облече“, вели Трајко.

Меланија оди на училиште во ОУ „Кочо Рацин“, и сака да учи. Нејзиниот татко вели дека сака детето да го извади на прав пат, да заврши школо и да не се мачи како него. Ниту сака да проси. Но, поради сиромаштијата многу пати сакал да ја отпише.

„На училиште и нудат храна, но не сака да земе, има свое јас. А гладна е. Сакам да учи. Не сакам да биде неписмена како мене и да се мачи. Од храна сме ја отпишале, но има други трошоци“, додава Трајко.

Тој исто така има здравствени проблеми, треба да го оперира колкот, поради што, едната нога му е пократка од другата, а исто така има и брух.

„Животот од хуманитарна помош не е решение. Сакам да работам и да имам постојана плата. Но ми ги затвораат вратите, ме дискриминираат. Иако сум неписмен, ги почитувам луѓето.Така и ги учам децата. Тропни на врата, остави број, никој потоа не ме бара. Ме гледаат со потценување. Ако работам, така ќе си ги платам сметките. Струја и вода имаме приклучено од комшијата, но и таа треба да се плати. Цела зима ја поминавме на свеќи. Среќа, еден хуман човек од Скопје ни донесе дрва“, вели тој.

Трајко два пати бил во Германија каде што работел, за да може да ја направи куќата. Вели дека тоа е најмногу што може да направи. Но куќата треба да се заштити, бидејќи кога врне, постои опасност од струен удар. Исто така им недостасува мебел.

„Имам телевизор, можам да го продадам. Но колку ќе земам. Вака барем децата имаат занимација. Не сакам да им го ускратам и тоа“, вели тој.

Трајко имал мачен живот. На 10-годишна возраст останал без родители, а потоа за него се грижел брат му. Не можејќи да го поднесе товарот на старател, си го одзел животот.

Потоа од улица, Трајко го згрижила државата. До 26 години живеел во социјален стан за деца без родители, но потоа морал да го напушти. И од тогаш повторно продолжува неговата голгота. Но, овој пат заедно со семејството.

Пред да заминат во Германија, спиеле под мостови, на улици. Но бил решен, да најде излез за Меланија, Габриела се родила во Германија.

„Најмногу ми е за децата. Ако сум страдал не сакам ни они, но најмногу од се сакам да се оперира за да може убаво да слуша“, завршува Трајко.

Доколку сакате да помогнете на семејството, жиро сметката е

240147107573075 Уни банка

Стефани Василевска

Или на контакт телефон Трајко: 078 646 728

Фото: Different Photography

jQuery Slider
При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.