(Фото) Сликата од природните убавини во Македонија е за плачење, ни за 100 години не можат да се исчистат

Денеска е ден на планетата земја, на која, ниту нашата држава не и враќа најдобро. Македонија е убава земја, но премногу загадена. Тоа ќе ви го каже секој странец кој имал можност да ги види природните убавини, од кои во истовреме се воодушевува и згрозува. Секако и граѓаните кои имаат развиена еколошка свест.

Воодушевувањето произлегува од изобилието на планини, реки, прекрасни села кои се „дават“ во сопствениот смет. Поминувајќи низ нив, не може а да не си го поставите прашањето, како е можно? Нели им е жал, убавото да го претвораат во грдо. Бистра планинска вода, загадена со пластични шишиња. Прекрасна зелена лединка, со конзерви од паштета и туна. Ќесиња на дрвјата. И еден куп непотребни и штетни привезоци закачени кои ја грдат и загадуваат околината.

Се загадуваат реки, езера, планини, парковите каде што живееме и слично. Голем проблем се и дивите депонии, односно градовите кои немаат решение за справување со отпадот.

Потребно е да ја применуваме филозофијата на Јапонците, дека ако сте способни да произведете ѓубре, тогаш исто така треба да бидете способни и со истото да се справите.

Овие пет фотографии покажуваат дека нашите граѓани не бираат ниту место ниту време кога загадуваат.

Боговињска река

Илјада зборови не можат да ја доловат грдосијата, а останува неверицата од извршениот масакр на Боговињска река.

Маврово

На скијачкиот центар Маврово, пред Бачилото но и во околината на терените може да се забележат расфрлани лименки, отпушоци, хартии и слично.

Дебарско Eзеро

На површинските води и брегот на Дебарско Езеро, во делот од Косоврашки до Мелнички мост, имаше отпад што по дождовите го донесоа надојдените реки Радика и Црн Дрим и нивните притоки. ЕЛЕМ го исчисти отпадот со што беше спречена еколошката катастрофа што му се закануваше на езерото.Но реките и понатаму се загадуваат и прашање на време е кога тој отпад повторно ќе заврши во езерото.

Тиквешко Eзеро

Тиквешко Eзеро ја има истата слика. Но она што беше впечатливо е што кога одите натаму, лименки и шишиња се закачени на дрвцата и грмушките по патот. Не фрлени, туку закачени. Ако за загадувањето не постои еколошка освестеност, ова е уште поголема трагедија бидејќи некој свесно „укарсувал“ со отпад.

Околина

Зелените тревни површини по парковите, училишните дворови, околу зградите ги „красат“ ќесиња, чашки, шишиња односно се што треба да се најде во некоја од блиските канти за отпадоци.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Најчитани вести