Ирена Јакимоска од „Комфи Ангел“ нов претседател на Регионалната комора во Прилеп

Ирена Јакимоска, косопственик на текстилната компанија „Комфи Анфел“ е новиот претседател на Регионалната стопанска комора од Прилеп.

На денешната седница на Комората, Управниот оддбор беше проширен со два нови члена, сега брои 31, а покрај досегашниот избран е и уште еден потпретседател на Комората.

Досегашниот претседател, Симон Наумоски од прехранбената индустрија „Витаминка“ на чело на прилепската Регионална стопанска комора беше повеќе од 20 години и како што вели, сам побарал да се повлече од функцијата.

- Побарав да се повлечам од функцијата на која бев повеќе од 20 години. Оставам простор на новите кадри и стопанственици кои верувам успешно ќе ја водат оваа асоцијација која е една од најдобрите и најуспешни Регионални стопански комори во рамките на Стопанската комора на Македонија. Сметам дека новиот претседател, Ирена Јакимоска успешно ќе ги застапува интересите на стопанствениците од регионот, рече Наумоски.

Јакимоска најавува успешна и активна работа на Регионаланата комора.

- Голем предизвик ќе биде да се одржуваат високите стандарди и критериуми на досегашната работа на Комората. Прво, најбитно е да се застапуваат бизниас-интересите, не само на членките на Комората, туку и на сите стопанственици од регионот. Ќе седнеме заедно и сите да ги дефинираме приоритетите во нашето дејствување. Моја визија е блиска соработка со студентите од Економскиот факултет во Прилеп и вклучување на нивните знаења во работата на Комората, изјави Јакимоска.

Покрај досегашниот потпретседател на регионалната стопанска комора Сашо Самарџиоски, генерален директор на Прилепската пиварница, сега нов потпретседател е финасискиот директор на „Мермерскиот комбинат“ Јасна Петрушевска. За прилепскиот градоначалник Илила Јованоски е битна соработката на бизнис секторот со локалната самоуправа.

Прилепската регионална стопанска комора има нов извршен директор. Тоа е стопанственикот Горан Попоски.

МИА/Фото: СКМ

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.