Вицепремиерот Кочо Анѓушев ја продаде ЕДС на грчкото електростопанство за 4,8 милиони евра

1314 Views Април 25, 2018 Бизнис Никола Осило

Сопствениците на ЕДС, компанијата за трговија со електрична енергија и на Public Power Corporation, грчката национална компанија за производство на струја, денеска го потпишаа договорот за  продажба на 100% од акциите на ЕДС и подружниците во Југоисточна Европа, во вкупна вредност од 4,8 милиони евра.

ЕДС, успешна компанија од енергетскиот сектор со присуство во седум земји од регионот, којашто предизвика позитивна промена во однос на условите и цените на либерализираниот пазар на струја, денеска се спојува со регионален лидер во производство и продажба на електрична енергија.

Ова значително ќе ја зголеми конкурентноста на ЕДС и ќе обезбеди поголема стабилност што значи и подобри услови за клиентите.



„Покрај следењето за нашето законодавство и процедурите, во текот на преговорите за продажбата приоритет ни беа и условите за унапредување на стабилноста и плановите за понатамошен развој на компанијата. ЕДС досега постигна многу на локалниот и регионалниот пазар, како членка на меѓународната берза за набавка на струја ја има најдобрата балансна група, одлично развиена мрежа за снабдување со електрична енергија и големо искуство во набавката на струја на слободниот пазар.

Со овој договор позади ЕДС имаме гигант во производство на струја што се очекува дека ќе ја направи ЕДС поконкурентна на пазарот. Тоа значи дека клиентите ќе имаат добри услови и пред се уште поголема сигурност“, изјави Кочо Анѓушев, сопственик на ЕДС.

Главниот извршен директор на ППЦ, Емануел М. Панајотакис изјави: „Со купувањето на ЕДС, исклучителна компанија која за неколку години, под инспиративното раководство на Анѓушев и со својот високо професионален тим, се разви и стана значајна компанија за трговија со електрична енергија, ППЦ влегува на пазарот за електрична енергија на нашата соседна земја  на најдобар можен начин.

Со поддршката од ППЦ и нејзината експертиза, ЕДС ќе напредува и зајакнува и понатаму, што ќе биде во најдобар интерес и на клиентите. ЕДС во сопственост на ППЦ ќе стане уште помоќна компанија, со оглед на портфолиото што го имаме и развојните планови дефинирани за време на купувањето.“

По денешното потпишување на договорот за купување на акциите, неопходно е да се завршат одредени формалности и процедури, што ќе доведе до финален трансфер на компанијата.

ППЦ е една од најголемите компании во Југоисточна Европа од областа на енергетиката, со вкупна актива од повеќе од 15 милијарди евра и годишни приходи од над 5 милијарди евра.

Основната дејност на ППЦ е производство, дистрибуција и снабдување со електрична енергија во Грција за 7,3 милиони потрошувачи и има пазарен удел од околу 85 проценти. ППЦ е исто така сопственик на дистрибутивната мрежа на Грција којашто стопроцентно ја води филијала „ХЕДНО", како и ППЦ Обновливи извори - една од пионерските компании во Европа за производство на електрична енергија од обновливи извори. Покрај тоа, ППЦ има подружници во Бугарија, Турција и Албанија.

ППЦ неодамна потпиша стратешки договор со американската компанија Џенерал Електрик за соработка во поддршката на термоенергетските единици во Европа и Северна Африка.

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

Анѓушев за продажбата на ЕДС: Ќе си платам персонален данок и средствата ќе ги прикажам во мојот анкетен лист

Антимонополците бараат мислења за зделката на годината: Грчката ППЦ ја почна постапката за купување на ЕДС на вицепремиерот Анѓушев

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!