Организирала настапи на повеќе од 300 светски и регионални изведувачи: „Авалон продукција“ слави 25 години

Со концерти на уметници од Македонија и од странство „Авалон продукција“ одбележува 25 години од своето постоење.

- Во рамки на јубилејот, подготвивме исклучителна програма, со концерти на бројни артисти од светската и домашната музичка сцена. Концертната сезона ја стартувавме кон крајот на февруари со концертниот маратон на Каролина во МОБ, во март со концертот на „Тото“, во април со концертот на Јосипа Лисац, соопшти „Авалон продукција“. 

Ѓорѓе Балашевиќ ќе одржи концерт на 19 мај годинава во ВИП Арена- Скопје, а македонскиот поп-пејач и композитор Владо Јаневски на 1 јуни на стадионот на АРМ.

На фестивалот „Skopje Calling“ ќе настапат Алан Вокер, Sister Bliss Faithless DJ Set, Axwell & Ingrosso, Morcheeba и Дарко Рундек и „Тексас“ (Техаs). 

На фестивалот „Ohrid Calling“ ќе настапат Dimitri Vegas & Like Mike, Jax Jones и Armin van Buuren. 

Легендарниот музичар Брајан Фери ќе одржи концерт на 9 септември 2018 година во Maкедонска филхармонија- Скопје, дуото „Ту челос“ (2CELLOS) на 6 октомври 2018 во ВИП Арена- Скопје. 

„Авалон продукција“ е промотерска куќа чии основни дејности се музичко издаваштво и организација на концерти, музички фестивали и други слични настани. Основана е во Скопје во 1993 година.

Во дваесет и пет децении постоење, „Авалон продукција“ има издадено 35 музички изданија на регионални изведувачи, но и странски лиценцирани изданија. Меѓу изведувачите кои своите албуми ги објавиле за „Авалон“ се „Леб и сол“, Тоше Проески, Каролина Гочева, Влатко Стефановски, „Мизар“ и многу други. 

Доминантна дејност на „Авалон“ од 2000 година до денес е организација на концерти и букинг на странски изведувачи за територијата на југоисточна Европа. Во десетгодишната работа со најистакнатите светски букинг агенции, „Авалон“ ужива статус на прв купувач за територијата на Македонија и Србија, и тоа кај најголемите агенти во светската музичка индустрија.

„Авалон продукција“ во изминатите осум години организирала настапи на повеќе од 300 светски и регионални изведувачи за публика од преку 700.000 посетители во четири земји од регионот. 

Фото: Бобан Милошевски/Фејсбук

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Најчитани вести