Димитров и Коѕијас без изјави, Нимиц вели процесот продолжува

Медијаторот Метју Нимиц по попладневната заедничка средба со шефовите на дипломатите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас во Виена истакна дека имале интензивна дискусија во која двете страни покажале меѓусебна почит.

- Двете страни се посветени на постигнување решение и процесот ќе продолжи во следните недели, изјави Нимиц по средбата што се одржа во канцеларијата на ОН во Виена. 

Посочи дека со оглед на тоа дека вакви состаноци веќе се одржуваат изминатите неколку месеци, во кои разговорите меѓу двете земји се интензивираа, прашањата кои се предмет на дискусија се веќе познати. 

Министрите Димитров и Коѕијас по средбата, која траеше околу три часа не дадоа изјави за медиумите.

Премиерот Заев претходно, изјави дека очекува да биде направен исчекор на средбата во Виена. 

- Има напредок кој ни дава причина да веруваме дека може да се направи исчекор и сега, во Виена, да ја искористиме секоја можност за приближување кон конечното решение. Верувам дека креативноста на двајцата министри, тимовите зад нив и јас и Ципрас од другата страна даваме поддршка и охрабрување за да се изнајдат конструктивни и креативни решенија кои буквално ќе ги задоволат двете страни во нивните очекувања и ќе бидат достоинствени за двете земји и нивните граѓани, рече Заев.

Во пресерет на новата рунда разговори за името се огласи и грчката Влада преку портпаролот Димитрис Ѕанакопулос. Рече дека Атина во преговорите направила отстапки, и сега е време и Скопје да ги направи неопходните чекори за постигнување договор.

Посочи дека Грција има два јасни услова: прво сложено име и второ важење на името ерга омнес, нешто за што предуслов е модификација на уставното име на соседот.

Грчките медиуми ја карактеризираат денешната средба во Виена како клучна и решавачка. Новинарите кај јужниот сосед, потсетуваат дека дека разликите остануваат непроменети, а насјпорен е опсегот на името што ќе биде договорено.

И претходната средба во ист формат беше одржана во Виена на 30 март. Во меѓувреме Коѕијас и Димитров имаа билатерални средба на 12. април во Охрид. 

Извор/фото: МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.