Промени на медиумскиот пазар: Законот за медиуми никако да види бел ден

Нов бран на промени во македонскиот медиумски простор. Телевизија Алфа, која важи за опозициска телевизија, односно блиска до ВМРО-ДПМНЕ доби нов директор, новинарот Васко Ефтов. 

Досегашниот директор Љупчо Николовски, кој што е управител на скопската национална телевизија од самите почетоци повеќе нема да менаџира со овој медиум. 

Иако нема промени во уредувачкиот тим и сопственоста, сепак доаѓањето на Ефтов на директорската позиција во телевизијата остава отворени полемики за тоа во која насока ќе се движи сега овој медиум.

Откако минатата година доби нов сопственик, телевизијата сега конечно се стабилизираше и вработените почнаа редовно да земаат плата која во минатото се случуваше да доцни и со месеци. Имаше и нов бран на уредници и освежување на програмата. А, со новиот директор се очекуваат и други новини.

Уште една телевизија која што важи за блиска до опозицијата, односно до ВМРО-ДПМНЕ, ТВ Нова на бизнисменот Сеад Кочан по неколкумесечниот застој се очекува повторно да се врати активно во етерот.

Откако започнаа судските постапки против нејзиниот сопственик, телевизијата почна да доцни со плати на вработените и трупаше долгови. Вестите на краток период беа целосно укинати, вработените беа пуштени на принуден одмор. 

Но, според последните информации на еМагазин, најавите на менаџментот се дека телевизијата повторно се враќа со нова програма. Како уредник на ТВ Нова се уште фигурира Билјана Василева Трендафилова, иако и нејзе веќе подолго време ја нема на екраните. 

Дали телевизијата повторно ќе се врати со програма во живо и со информативни изданија на секој час ќе се знае веќе следниот месец.

Како што објави еМагазин, телевизијата се „спаси“ од стечај, но се уште им должи шест плати на вработените. Во меѓувреме на дел од новинарите им биле понудени нови договори со пониски плати. 

Нејзиното повторно стартување зависи од тоа кој од новинарите и техничкиот кадар ќе остане во тимот и ќе продолжи да работи.

Од друга страна тука е и новата телевизија 1ТВ на Бојан Јовановски, која што стартуваше пред еден месец.
За кратко време телевизијата веќе има добра гледаност, а во својот тим собра искусни новинари и медиумски лица.

Најавата од новата телевизија е дека ќе стартуваат со нови емисии и нови содржини, што значи и новини на македонскиот медиумски пазар.

Законот за медиуми никако да добие зелено светло од Собранието

Иако на крајот на февруари беше донесен од Владата и пратен во Собранието, се уште не е почната расправата за него. Законот за медиуми е еден од реформаските закони за кој што се очекува да биде поддржан и од опозицијата.

Основна цел на овој предлог закон е департизација и професионализација на јавниот радиодифузен сервис и регулаторното тело, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. 

Суштинските измени што се предлагаат се однесуваат на изборот на управните тела и директори на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радиотелевизија и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и во однос на финансирањето на работата на МРТ и АВМУ.

Со донесување на овој закон се очекува бран на промени и во менаџментот на Македонската телевизија.

Откако на почетокот на годината Советот на МРТ го реизбра за директор Маријан Цветковски, кој важи за близок со претходната владејачка структура од Владата најавија дека со новиот Закон веднаш ќе пристапат кон негово менување, што е во согласност со регулативата.

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И СЛЕДНИТЕ СТОРИИ

Васко Ефтов нов директор на ТВ Алфа

Понудени нови услови за вработените: ТВ Нова се враќа со нова програма?

(Фото) ТВ Нова не оди во стечај: Менаџментот со наредба вработените да се вратат, од денеска почнуваат со работа

Стартува со работа националната телевизија „1ТВ“: Како ќе можете да ја следите?

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.