Пет години на Балкан енерџи груп: Стабилен систем за централно греење, еко енергија и квалитетна услуга

Балкан енерџи груп (БЕГ) со успешно завршената грејна сезона 2017/2018 одбележа пет години откако управува со системот за централно греење во Скопје.

Во овој период реализирани се инвестиции во износ од над 10 милиони евра во модернизација и подигнување на стандардите во производството, дистрибуцијата и снабдувањето со топлинска енергија во град Скопје.

Овие инвестиции БЕГ ги реализираше во согласност со своите развојни планови и договорните обврски за одржување и инвестирање во дистрибутивната мрежа и производствените капацитети.

Поволните движења на цената на нафтата и природниот гас на берзите, но исто така модернизацијата и развојот на системот за централно греење, зголемувањето на неговата енергетска ефикасност и намалувањето на оперативните трошоци, доведоа во овој период до намалување на цената на услугата за 31,32% кај домаќинствата, за 51,92% кај деловните субјекти и за 65,66% кај образовните институции.

Ова го направи централното греење најекономично решение за потрошувачите, па затоа во последните години има постојан раст кај повторните вклучувања во системот и бројни нови вклучувања. За овие пет години прирастот на нови корисници изнесува повеќе од 6.300 корисници со вкупна моќност околу 50 MW.

Воведувањето на нови технологии и стандарди на одржување ја зголемија и ефикасноста на системот за централно греење од 82% во 2012 година на 88% во 2017 година, а новите проекти кои се во тек и кои ќе се реализираат во следниот период ќе обезбедат понатамошен раст на овој значаен показател.

„Нашите заложби се ефикасноста на системот за централно греење со кој управува БЕГ да достигне 92%.Во тек се ремонтите и другите подготвителни активности за непречен почеток на новата грејна сезона, кои што течат според предвидената динамика.

За овие 5 години системот за централно греење во градот Скопје од систем кој полека изумираше, со огромен одлив на потрошувачи, со големи топлински загуби и застарени технологии од шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век, прераснува во модерен интегриран енергетски систем со модерни технолошки решенија кој повторно ја врати довербата на потрошувачите, нудејќи им еколошки и висококомфорен начин на загревање со најповолни цени.

Имајќи предвид дека во моментов капацитетот на системот за централно греење кој е во целост базиран на природниот гас не е ниту половично искористен, огромен е потенцијалот на централното греење преку приклучувањето на институциите, деловните субјекти и на домаќинствата во Скопје во голема мерка да го намали загадувањето на воздухот во градот. Нашата компанија во соработка со институциите е целосно подготвена за овој предизвик, ставајќи го на располагање своето искуство и знаење“, изјави Димитар Кочовски, генерален директор на БЕГ АД.

Меѓу поголемите и позначајни зафати во производството на топлинска енергија се: заокружување на гасификацијата во сите производствени постројки, реконструкција на електро разводните построенија и пумпи, автоматизација на управувањето со технолошките процеси, реконструкција на бетонскиот оџак на ТО Исток со цел работа на котлите во енергетски ефикасни режими, воведување на нова технологија за еколошка подготовка на вода без хемикалии, конзервирана е малата и неефикасна топлана 11 Октомври.

Во делот на дистрибуцијата континуирано се реконструира топловодната мрежа во најголем дел стара повеќе децении (повеќе од 16км траси), четирикратно се намалени загубите од истекување во системот, имплементиран е модерен систем за мониторирање и брза детекција на дефекти, изолирани се повеќе од 600 распределителни шахти, изградени се две нови препумпни станици, воведени се нови методологии за испитување и одржување на мрежата со постапки за превентивно хидраулично испитување.

Во тек е замена на два магистрални водови во вкупна должина од 4,5 км од кои 45% се завршени.  Во делот на снабдувањето со топлина, активностите се насочени кон подобрување на односот со потрошувачите.

Отворен е нов и модерен центар за наплата и грижа за потрошувачи, имплементиран е нов систем за фактурирање и електронско плаќање, креиран е нов веб-портал за ефикасна комуникација со центарот за грижа за потрошувачи, достапен е калкулатор за пресметка и споредба на трошоците за греење, воведена е услуга за одржување и сервис на внатрешна грејна инсталација по конкурентни цени и гаранција за секоја интервенција.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Најчитани вести