Сиромаштијата и социјалната исклученост им го отежнува пристапот на Ромите до здравствените услуги

Нееднаквиот третман од страна на здравствените работници, неможност да ги набават пропишаните лекови и да платат за болничките трошоци, немањето доволно матични лекари и гинеколози во близина на местото на живеење, висока стапка на смртност на новороденчињата, се дел од проблемите на Ромите во системот на јавното здравство.

Главните причини за тоа лежат во етничката дискриминација, социјалното исклучување и сиромаштијата на ромската заедница и иако институциите прават напори да ја подобрат состојбата со различни мерки, неопходни се уште позасилени мерки на креаторите на здравствените политики со кои Ромите ќе добијат еднаква и квалитетна здравствена заштита како и сите други граѓани на земјава.

Ова беа главните поенти на конференцијата „Здравјето на Ромите: Пристап, предизвици и можности за подобрување“ што вчера (10 мај) се одржа во Музејот на современа уметност во Скопје во организација на Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) како дел од програмата за одбележување на 25-годишнината од основањето на Фондацијата.

Претставници на ФООМ, Министерството за здравство, ромските невладини организации и експерти, на конференцијата ги изнесоа проблемите на Ромите поврзани со здравствениот систем, но и понудија пристапи за нивно надминување.

Конференцијата ја отвори Маја Бојаџиевска, претседателка на управниот одбор на ФООМ, која истакна дека Ромите се есенцијалната слика на човештвото во 21 век онака како што Евреите беа есенцијалната слика на 20 век.

- Споредбата не е претерана имајќи го предвид жестокиот притисок на општествената неодговорност кој резултира со попречување до пристапот на правата на луѓето. Резултира со ужасно осиромашување, со нарушување на елементарниот дигнитет примерен на секое човечко суштество.

Затоа денес, разговарајќи за здравјето на Ромите, не разговараме за друго, туку за самите нас, за тоа колку сме и колку можеме да бидеме луѓе. Пристапот до здравје и основните човекови права е клучот до човековиот гол живот – рече Бојаџиевска на отворањето на конференцијата.

Министерот за здравство, Венко Филипче, се осврна на мерките за Ромите кои се спроведуваат според превентивните редовни програми на ресорното министерство. Во таа насока, Филипче истакна дека Министерството овозможило бесплатни прегледи за време на бременост, бесплатни лабораториски испитувања за тие што немаат здравствено осигурување, бесплатно породување, како и грижа за родилките по породувањето од страна на патронажните сервиси.

Министерот нагласи дека работат во насока на зајакнување на капацитетот на целиот здравствен систем, со што ќе се подобри пристапот до здравствена заштита на Ромите, но и ќе се обезбеди квалитетна здравствена заштита за сите граѓани.

- Многу е тешко физички да се најдат доктори кои може да се вработат во сите здравствени институции. Направивме анализа која покажа дека во здравствениот систем во Македонија вкупно треба вкупно да се вработат околу 2.300 лица, од кои најмногу доктори.

За средини во кои има недостиг од гинеколози, каде е потребно дополнително развивање на кампањи за подигнување на свесноста од редовни гинеколошки прегледи, активираме две мобилни амбуланти кои ги имаат болниците во Куманово и Гевгелија. Овие возила ќе ги пуштиме во руралните средини каде што тоа е најпотребно – рече Филипче.

Претставникот на Програмата за јавно здравје на Фондациите отворено општество, Марек Силваши, рече дека еден од главните проблеми при креирањето на здравствените политики кои се однесуваат на Ромите е што не постојат точни податоци според етничката припадност.

Според Силваши, истражувањата на терен покажале дека околу 70 отсто од Ромите имаат проблем да ги набават пропишаните лекови бидејќи не можат да ги платат, а само 30 отсто од нив имаат пристап до здравствена нега. Тој потенцираше дека сиромаштијата, физичката оддалеченост од матичните лекари и неквалитетните услови за живот на Ромите им го попречуваат пристапот до здравствените услуги.

Во рамки на програмата за одбележување на 25-годишнината на ФООМ, вчера беше промовирана книгата „Културолошки и структурни компетенции на здравствените работници“. Автори на оваа книга се девет универзитетски професори, а издавач е Фондација Отворено општество – Македонија.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.