Борбата на интернетот во Македонија на почетокот беше за корисници, денес е борба против лажните вести и говорот на омраза

Историјатот и клучните моменти во развојот на интернетот во Македонија, неговиот придонес во развојот на демократијата, бројните предизвици со кои се соочуваат онлајн медиумите во земјава и нивната улога во борбата за слобода на говорот, како и искуствата со ширењето лажни вести и пропаганда, беа во фокусот на конференцијата „ Слободата и интернетот во Македонија“ што се одржа вчера (11. мај) во организација на Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) и Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

Конференцијата посветена на улогата на интернетот во развојот на демократијата во Македонија и пошироко е дел од програмата за одбележување на 25-годишнината на ФООМ, во чии рамки се организираат низа конференции посветени на актуелни и значајни теми поврзани со граѓанското општество.  

Зборувајќи за појавата и развојот на интернетот во Македонија, директорот на „Метаморфозис“ Бардил Јашари истакна дека на почетокот главниот предизвик бил да се зголеми пристапот до интернет на граѓаните и да се зголеми бројот на корисници, со оглед на тоа што во 1996 година само три до пет отсто од населението користело интерет.

Но сега, рече Јашари, пред Фондацијата се појавуваат други предизвици поврзани со интернетот како што се професионалното новинарство, лажните вести, говорот на омраза и заштитата на приватноста. 

- Не постои ресурс кој може да обезбеди 100 отсто сигурност при користењето на интернет. Ние сме сведоци на тоа бидејќи во Македонија имаше еден период кога нелегално се прислушуваа граѓани и се затвораа медиуми. Интернетот остана единствениот слободен простор во Македонија каде што граѓаните можеа слободно да се изразат, да критикуваат и да дискутираат за важни политички и други процеси во државата. Фондацијата го искористи тој слободен простор и им даде поддршка на многу интернет медиуми кои играа многу важна улога во еден многу тежок период за земјата, кога на некој начин беа единствениот извор на критички информации за сѐ што се случуваше во државата - рече Јашари на отворањето на конференцијата.  

Според Санта Аргирова, членка на управниот одбор на ФООМ, кога станува збор за користење на интернетот, сѐ уште има голем јаз меѓу помладите и постарите генераци. Таа нагласи дека предноста на интернетот и социјалните мрежи е во тоа што се двонасочни и отворени, па благодарение на тоа секаде стигнуваат многу брзо и ниту една информација не може да остане скриена.

- Интернетот не е комплетната иднина на целото општество туку само едно многу јасно и чисто огледало на општеството. Кога ќе ги отворите социјалните мрежи, не ги читате само коментарите и споделените статуси туку го гледате сопственото општество. Интернетот и слободата се една димензија, но слободата е многу поголема работа и таа не може да зависи од тоа колку интернетот е достапен.

Таа слобода не ја дава само интернетот, туку сите кои се појавуваат на интернет, кои не се појавуваат, властите, односно сите чинители на општеството. Ако дозволите слободата да се сведе само на интернетот, значи дека веќе живеете во режим и недемократско општество - рече Аргирова.  

Во натамошниот тек на конференцијата, Јован Колов од ИТ компанијата „Нетцетера“, Огнен Фирфов од Македонски Телеком, Софче Јовановска од кабинетот на вицепремиерот задолжен за економски прашања, како и сопственикот на генераторот на вести Тиме.мк, Игор Трајковски, дискутираа за клучните моменти во развојот на интернетот во Македонија и за тоа како тој развој влијаеше врз развојот на демократијата во земјава.

Дел од нив преку анегдоти се осврнаа на пионерските чекори во развојот на интернетот и информатичкото општество во Македонија, процеси во кои и самите биле вклучени.

Новинарите и уредници Бранко Героски од порталот „Плусинфо“, Елида Зулбеари од „Порталб“, Зоран Андоновски од „Мета“ и Никола Гелевски од „Окно“ дискутираа за улогата на онлајн медиумите во борбата за слобода на говорот, додека уредникот на „Raskrinkavanje.ba“ од Сараево, Емир Зулејхиќ, фоторепортерот Томислав Георгиев, адвокатката Наталија Миленковска и Ѕвездан Георгиевски од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) говореа за тоа колку плагијаторството и лажните вести се закана за професионалното новинарство.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.