Се зголемува отпорот кај родителите за вакцинација: „Антикампања“ на лоби групи или реален страв?

Забележителен пад на опфатот на вакцинацијата има во изминатиов период во Македонија, откриваат најновите податоци на Институтот за јавно здравје.

Опфатот со примовакцинација во Р. Македонија во 2017 година е под препорачаните 95% за сите вакцини. Во однос на минатата 2016 година, се бележи опаѓање на опфатот за сите вакцини освен за МРП вакцината, која иако бележи незначително зголемување во однос на минатата година, сепак е со низок опфат, под 90%.

Примовакцинацијата со вакцината против хепатитис Б има опфат од 91,3%. Примовакцинацијата со вакцините против заболувања кои ги предизвикува хемофилус инфлуенца тип Б, ДиТеПер и ОПВ/ИПВ имаат идентичен опфат од 91,1%. МРП вакцинацијата е реализирана со опфат од 82,6%.

Вакцинацијата против ХПВ, како и изминатите години (од нејзиното воведување) има најмал регистриран опфат.

„Според добиените извештаи од ЦЈЗ и ПЕ и вакциналните тимови на нивна територија, нискиот опфат е резултат на одбивањето на вакцинацијата од страна на родителите под влијание на антивакциналното лоби во Македонија и кампањата која ја водат.

Несомнено е и влијанието на некои здравствени работници, првенствено доктори (матични лекари, педијатри и гинеколози) кои препорачуваат одложување на вакцинацијата до достигнување на поголема возраст на детето. Ова посебно се однесува на МРП и ХПВ вакцинацијата, што резултира со најнизок опфат за двете вакцини. Ревакцинацијата која се спроведува во училишната возраст, исто така бележи низок опфат“, се вели во извештајот на ИЈЗ.

ХПВ – вакцинација

Во 2017 година оваа вакцинација се регистрира со опфатот од 48%, кој е понизок од опфатот во 2016 година (53,3%), и незначително понизок од просечниот опфат за петгодишниот период (2012-2016) кој изнесува 48,2%. Највисок опфат со оваа вакцина во овој петгодишен период е постигнат во 2014 и изнесува 53,7%.

Хепатитис Б

Опфатот со три дози вакцина против Хепатитис Б во 2017 година изнесува 91,3%, и бележи намалување во однос опфатот во 2016 (93,8%), исто така намалување се регистрира и во однос на просечниот опфат за периодот 2012-2016 година, кој изнесува 95,4%.

ХиБ – вакцинација

Опфатот со oваа вакцинација се движи од 88,6% (во 2015 година) до 97,1% ( во 2013 година). Опфатот со три дози вакцина против Хемофилус инфлуенца тип Б кој во 2017 година изнесува 91,1%, бележи намалување во однос на опфатот во 2016 и просечниот опфат за периодот 2012-2016 година, кој изнесува 94,0% и 93,6%, соодветно.

ДиТеПер – вакцинација

Во текот на 2017 година, опфатот со примарната ДиТеПер вакцинација, со три дози вакцина, изнесува 91,1% што претставува намалување во однос на опфатот за 2016 година (95,3%), како и во однос просечниот опфат за периодот 2012- 2016 година(95%)

ОПВ/ИПВ – вакцинација

Примарната вакцинација со три дози полио вакцина во 2017 година е извршена со опфат од 91,1%, што претставува намалување во однос на опфатот во 2016 година (95,3%), како и во однос на просечниот опфат регистриран во изминатиот петгодишен период (95,6%).

Опфат понизок од препорачаните 95%, во периодот 2012- 2016 е регистриран само во 2015 година, и изнесува 92,1%

МРП – вакцинација

Во 2017 година, опфатот соМРП вакцинација е незначително зголемен во однос на 2016 година, од 82,1% на 82,6%, но во однос на просечниот петгодишен опфат (91,3%) се бележи намалување за 8,7%.

Во последните три години опфатот со МРП вакцинацијата континуирано е под 90%.

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ:

Детален преглед: Македонски градови во кои има најголем отпор против вакцинирање на децата

 

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!