Бројката расте: Најмалку 52 Палестинци убиени на границата меѓу Газа и Израел

Во денешните судири меѓу израелската војска и палестинските демонстранти кои протестираат долж границата на Појасот Газа со Израел загинаа најмалку 52 Палестинци.

Демонстрантите, гневни и поради преместувањето на американската Амбасада од Тел Авив во Ерусалим, кон израелските војници фрлаа запалени гуми, молотови коктели и камења, а израелската војска тврди дека тие се обиделе насилно да ја пробијат граничната ограда. 

Во нередите се повредени над 800 лица, од кои најмалку 27 се во критична здравствена состојба.

Протестот во Газа, предводен од Хамас, е дел од кампањата за уривање на блокадата на границата меѓу Израел и Појасот Газа која трае веќе 11 години, но и протест против денешното отворање на американската Амбасада во Ерусалим. Преместувањето на американската амбасада од Тел Авив ги разгневи Палестинците, кои го сметаат Источен Ерусалим за нивна идна престолнина..

Протестите се кулминација на кампањата, предводена од Хамас и поттикнати од незадоволството на околу два милиони луѓе во Газа, со цел да се прекине децениската блокада на границата на територијата, наметната од Израел и Египет откако Хамас ја презеде контролата над Газа во 2007 година. Откако во март почнаа неделните маршеви, убиени се најмалку 79 палестински демонстранти, а повеќе од 2.300 се ранети. Најголем дел од жртвите се во јужните градови во Газа - Кан Јунис и Рафа. 

Исмаил Радван, висок претставник на Хамас, изјави дека масовните протести против Израел ќе продолжат „додека не се постигнат правата на палестинскиот народ".

- Преместувањето на американската амбасада во Ерусалим ќе биде катастрофа на американската администрација и црн ден во историјата на американскиот народ, бидејќи тие се партнери со окупаторот и неговата агресија против палестинскиот народ, додаде тој.

Лидерите на Хамас посочија дека е можно границата да биде пробиена денеска, нешто што Израел вети дека ќе ги спречи по секоја цена.

Израелската војска соопшти дека застрелале тројца Палестинци кои се обиделе да постават бомба. Таа информира и дека извела пет воздушни удари на Појасот Газа по рамената на оган меѓу екстремисти и војници.

Бригадниот генерал на израелската војска Ронен Манелис изјави дека се нападнати „кампови за обука на екстремната исламска организација Хамас“. Тој наведе дека во најмалку три случаи дошло до размена на оган меѓу израелските сили и екстремистите.

Потполковник Џонатан Конрикус, израелски воен портпарол, изјави дека армијата поставила дополнителни „слоеви" на безбедност во и околу населените места во близина на границата, со цел да ги заштити израелските цивили. Тој рече дека веќе имало неколку „значителни обиди" да се пробие оградата.

- Дури и ако оградата биде пробиена, ќе можеме да ги заштитиме израелските цивили од обидите за масакр, киднапирање или убивање, рече Конрикус.

Инаку, денешниот ден на судири е полн со симболика и за Израелците и за Палестинците.

САД соопштија дека го одбрале овој датум за преместување на Амбасадата во Ерусалим бидејќи се совпаѓа со 70-та годишнина од постоењето на државата Израел.

Но, исто така, денеска е годишнината од она што Палестинците го нарекуваат „накба“, или катастрофа, референца која се користи за стотиците илјадници лица кои избегаа или беа протерани од територијата на денешен Израел за време на војната во 1948 година.

Мнозинството од два милиони жители на Газа се потомци на бегалци, а протестите се сметаат за „голем марш на враќање" во долго време изгубените домови во територијата на денешен Израел. 

МИА/Фото: АП

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

(ВИДЕО) Крваво отварање на американската амбасада во Еурсалим: На границата во Газа убиени најмалку 41. Палестинци

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.