Сите детали за Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија: Заев освен со Ципрас ќе се сретне и со Меркел и Макрон

Поврзаност во транспортот, енергијата и дигиталната инфраструктура, образованието и други аспекти е тема на Самитот на Европската унија за Западен Балкан, кој ќе се одржи утре во Софија, а на кој ќе присустува македонска владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев. 

На Самитот, што се одржува во организација на бугарското претседателство со ЕУ, ќе присуствуваат лидерите на државите-членки на Унијата и регионот.

Со Самитот ќе претседава претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој ќе ја претставува ЕУ, заедно со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.

КОЈ ЌЕ ЈА ПРЕСТАВУВА МАКЕДОНИЈА

Премиерот Заев ќе биде во придружба на вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Заев ќе учествува во работната пленарна сесија на тема „Поврзување“ (Conectivity), а за време на работниот ручек на шефовите на држави и влади со највисоките претставници на телата на ЕУ ќе има свое обраќање на тема „Заедничко справување со заканите“.

На маргините на Самитот, како што соопшти владината прес-служба, Заев ќе има билатерални средби со повеќе премиери и шефови на држави.

Предвидена е средба на Заев со грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Планирани се билатерални средби со претседателот на Франција, Емануел Макрон, со германската канцеларка, Ангела Меркел, како и со премиерот на Холандија, Марк Руте.

Во агендата на премиерот Заев се испланирани и билатералните средби со премиерите на Австрија, Шведска и Естонија, Себастијан Курц, Стефан Лофвен и Јури Ратас.

Заев е поканет да учествува и да земе збор и на повеќе други активности и конференции што се одржуваат паралелно со Самитот на ЕУ во Софија.

Претседателот на Владата на РМ Заев на денеска ќе се обрати на конференцијата „Демократија што испорачува: Десет години после откочувањето на потенцијалите на Западен Балкан“, во организација на Фондацијата Конрад Аденауер и на тинк-тенк организациите Центар за демократски студии и Балканскиот европски Фонд, како и на Самитот на лидери и шефови на влади на Партијата на европските социјалисти (ПЕС).

За време на престојот на Заев во Софија е организирана и средба со Кристалина Георгиева, извршна директорка на Светска банка. 

Заев со вицепремиерот задолжен за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев на 18. мај ќе учествува и ќе има свое обраќање на Виенскиот економски форум, кој ќе се одржи на маргините на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Софија. 

ЗА ШТО СЕ ЌЕ СЕ РАЗГОВАРА ВО СОФИЈА

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск испрати писмо до шефовите на држави или влади на членките на ЕУ во пресрет на средбата во Софија, во кое тој посочи дека на вечерата ќе бидат разгледани прашањата за дигитализацијата, за „последните одлуки“ на претседателот на САД, Доналд Трамп, како и за „драматичните настани" во Газа.

Тој прецизира дека нема да се носат одлуки за дигитализацијата, туку само ќе се разговара за можноста ЕУ да се искачи на водечкото место во развојот на технологијата и инвестициите во истражувачката дејност.

Претседателот на Европскиот совет предлага со колегите да разговараат за одлуките на Трамп за повлекување од договорот за нуклеарната програма на Иран, за преместувањето на Американската амбасада во Израел од Тел Авив во Ерусалим, како и за воведувањето царини при увозот на алуминиум и челик во САД.

Туск дополни дека во Софија ќе бидат презентирани извештаи за Иран од страна на германската канцеларка, Ангела Меркел и претседателот на Франција, Емануел Макрон.

- Би сакал дебатата неспорно да ни потврди дека се додека Иран се придржува до договорот и ЕУ ќе продолжи да го почитува, напиша Туск.

Тој додава дека претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер ќе претстави податоци за можните последици за компаниите од ЕУ по одлуката на САД за Иран.

Јункер ќе соопшти и до каде стигнале преговорите со Вашингтон во однос на царините. Туск ја потенцира подготвеноста на ЕУ да одговори на пропорционални начин, доколку привремените царински отстапки на САД бидат повлечени..

- Иако односите ЕУ-САД се во основата на евроатланската безбедност, предлагам да останеме одлучни,  пишува претседателот на Европскиот совет.

Според него, само тоа е начинот европските интереси да бидат заштитени. 

По повод закажана средба на ЕУ и Западен Балкан в четвртокот, Туск вели дека ваква средба се организира првпат во последните 15 години.

- По моето последно патување во регионот, убеден сум дека ЕУ е единствениот партнер кој е вистински загрижен за стабилноста и добрата иднина на луѓето во тој дел на Европа, за разлика од заканите и воведувањето во геополитичка шаховска табла, каде тие се само пиони. Европската перспектива на Западен Балкан треба да остане јасно ветување и за двете страни, истакна Туск.

Тој уште потенцира дека освен политичките изјави за иднината, треба да се покаже грижа за економскиот развој на Западен Балкан сега.

- Вложувањата во инфраструктурни и човечки врски од и во регионот се во најголем интерес на ЕУ. Целта на средбата е да го докажеме токму тоа, истакнува Туск на крајот на писмото. 

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Најчитани вести