(Фото) Запознајте ги палатите во Скопје

Центарот за научни истражувања и промоција на културата „Хамеус“ во недела (20 мај) организира едукативна тура низ „Палатите на старо Скопје“.

Во рамките на оваа прошетка е вклучен едукативен дел за таканаречените палати на старо Скопје кои се наоѓаат во самиот центар на градот и во нивната архитектура може да се забележат влијанијата на многу европски стилови, како што се експресионизмот, арт нуво, академизмот, традицијата и модерниот стил, а честопати се надополнети со елементи на византиска традиција, класика, ренесанса и барок.

- Во изминатата година „Хаемус“ изработи обемна научно-истражувачка студија посветена на животот во Скопје, кој културно, социјално и економски интензивно се развивал во периодот помеѓу двете светски војни. Дел од оваа студија е посветен и на таканаречените палати на старо Скопје, кои го преживеале земјотресот од 1963, а денес некои од нив се заштитени со закон и прогласени за културно наследство на Република Македонија. Со оваа тура сакаме искуството кое ги акумулиравме работејќи на овој проект да го споделиме со граѓаните и на тој начин нашите сознанија за старо Скопје да ги дисеминираме со заедницата - изјави Василка Димитровска, директор на „Хаемус“

Целта на оваа тура низ центарот на Скопје е промоција и популаризација на богатото архитектонско наследство коешто несомнено оставило трага во архитектурата и уметноста на главниот град.

Едукативната тура низ „Палатите на старо Скопје“ се реализира по повод „Меѓународниот ден на музеите 2018“.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.