Борисов: Се надеваме дека брзо ќе се реши спорот за името, не ви солиме памет

Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска од Софија изрази надеж дека што е можно поскоро ќе се реши спорот со името меѓу Македонија и Грција.

Борисов ова го изјави еден ден пред официјалниот почеток на Самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржува во Софија, како и ден пред новата тет-а-тет средба меѓу премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, која ќе се одржи на маргините на Самитот, утре во 10:30 часот по бугарско време.

„Се надеваме дека конечно ќе се реши спорот со името на Македонија. Тоа е ваша работа. Ние само се надеваме, немојте да помислите дека ви солиме памет“, рече Борисов на конференцијата „Дијалог со Западен Балкан: создавање на регион на раст, безбедност и поврзаност на патот кон Европа, која се одржа еден ден пред утрешниот Самит ЕУ-Западен Балкан.

Нагласи дека полека, со дијалог, методично, чекор по чекор на крај сите се согласиле и ќе присуствуваат на Самитот.

„Македонија има 11 милијарди БДП, Србија, 41 милијарда, Албанија 13 милијарди, Косово осум милијарди, Босна и Херцеговина 17 милијарди, Црна Гора четири милијарди, а Бугарија 57 милијарди“, појасни бугарскиот премиер, чија земја како претседавач на ЕУ е домаќин на Самитот во Софија.

Според него, земјите од Западен Балкан според БДП повеќе наликуваат на Словачка, отколку на Романија.

„Што е толку страшно, зошто толку се плашите“, ги праша тој европските лидери во однос на интегрирањето на регионот во Унијата.

МИА/Фото:Влада на Бугарија

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!