Само едно планинарско друштво сака промени во Федерација, другите калкулираат

Во пресрет на Собранието на Федерацијата на планинарските спортови в сабота (19 мај) на кое треба да се бира претседател и членови на телата, од планинарско-еколошко друштво Guardians of nature – I love hiking group Macedonia, информираа дека се за промени во оваа институција.

„На состанокот одржан по повод изборното собрание на ФПСМ, Guardians of nature – I love hiking group Macedonia ја донесе следната одлука: Друштвото нема ништо против претседателот на ФПСМ, Јовица Угриновски, но веруваме во промени и сакаме промени во нашата планинарска заедница која е на многу ниско ниво на Балканот во моментов.

Почитуваниот претседател е долго време на чело на сојузот, меѓутоа долги години работите во планинарството не се менуваат и нема пораст во планинарската заедница. Нашето друштво едногласно донесе одлука дека е против повторниот мандат на актуелниот претседател и поради тоа очекуваме вонредно собрание на коешто би се изгласало нов претседател од редовите на нашата планинарска заедница. Свесни сме дека е ова прв чекор против постоечката поставеност, но е во насока на позитивни ПРОМЕНИ, за работите во планинарството, како спорт и рекреација, да тргнат по нагорна линија“, се вели на официјалната фејсбук-страница на ова друштво.

Во другите клубови за сега има молк по повод Собранието. Постојат шпекулации дека за наследник на Угриновски ќе биде предложен Горан Николовски. Тој пак, официјално не ја потврдил својата кандидатура.

Притисоци и закани по неистомисленици

Алпинистот и професионален водич во планина Антонио Додевски во пресрет на Собранието апелира до клубовите да го вратат стариот Статут кој важел од 2008 до 2014 година.

Според овој Статут, собранието на ФПСМ го сочинуваат по пет претставници од секој спорт (алпинизам, планинарство, спелеологија, спортско качување и спортска ориентација).

Тој порачува клубовите да се држат до она што го предлагаа од 2009 до 2014 година, односно секој спорт кој беше во рамките на Федерацијата на планинарски спротиви да си формира своја национална федерација и потоа да се формира Сојуз на планинарски федерации.

„Тогаш Угриновски праша, во тој случај каква функција ќе има тој. Но, уште тогаш му беше објаснето дека неговата улога како претседател на Сојузот, ќе биде менаџирање со имотот, кој подеднакво припаѓа на сите, а не само на планинарите. Во 2013 година истече неговиот мандат, една година беше без мандат и во 2014 година свика нелегално Собрание, кое го одржа со по еден претставник од строго селектирани (подобни) клубови и направи измени на статутот со кои ги избриша спортовите од истиот“, потсетува Додевски.

Тој додава дека само со враќање на стариот Статут, може сите заедно да работат и да се направат реформи. Потсети дека несреќата на Кајмакчалан е пример за нефункционирање на системот.

„Планинарите не загинаа на опасен терен на кој секој сам презема ризик. За жал, такви несреќи до сега имавме три. Ако не се променат работите, ќе ги има повеќе“, додава Додевски.

Според него, ни името не и е соодветно на Федерацијата бидејќи таму не остана ниту еден спорт, освен планинарењето.

„Оттука не може да биде Федерација на планинарски спортови. За алпинизам има посебна федерација, спелеологија речиси е на раб на постоење, со спортска ориентација не знам што се случува“, додава Додевски.

Укажувајќи на сите овие проблеми низ годините, а не прв пат, тој добивал и закани на кои како што вели не заслужуваат да обрне внимание.

Слично на него, луѓето кои отворено пишуваат против работењето на Федерација, исто така добиваат закани, и тоа од луѓе, кои како што велат од блиски членови на семејството на Угриновски. Во вулгарната и заканувачка содржина на пораките имаше можност да се увери и еМагазин. (Пораките се објавени во галерија и однапред се извинуваме за нивната вулгарна содржина).

„Откако по трагедијата на Кајмакчалан, пишав отворено писмо за емисијата на Телма со Снежана Лупевска и Јовица Угриновски во кое посочив дека не беше даден ниту еден одговор, после неколку дена добивав закани од извесен Никола Куновски, и од многу лажни профили, но и од опрофилот на сопругата на Угриновски. Пораките кои се уште ги чувам како доказен материјал, содржат вулгарни и заканувачки пораки кон мене и се закани по мојот живот. Морам да признаам дека бев испровоцирана и вратив со иста мерка“, вели планинарката Фросина Ѓоргиевска.

Освен кон Ѓоргиевска, заканувачки пораки со слична содржина добивале и други планинари, кои за разлика од неа која не пријавила во МВР, тие таа содржина ја проследиле кон надлежните институции и веќе постои истрага за профилите од кои е пишувано.

Јавноста бара одговори за смртта на Калина и Александар

Денеска со писмо до јавноста излезе и Атанас Димитров, повремен планинар, член на МОФ, пријател на Калина кој бара одговори за смртта на Калина и на Александар.

Во писмото во Слободен печат, меѓудругото вели:

„Гласот ѝ го снема и на Федерацијата на планинарски спортови, која никогаш го нема објавено целосниот извештај од својата истрага, каков и да бил тој. Последната објава поврзана со Калина и Александар е од 13 февруари, а по неа – молк.

Сакам само да потенцирам, Федерацијата е здружение на граѓани. Нејзината работа е јавна и таа, како здружение, одговара пред јавноста и сите институции на државата. Д-р Угриновски, претседателот на Федерацијата, како некој комотно устоличен монарх, неколкупати ги удостои со своето присуство телевизиските студија за да ја одбрани честа на Федерацијата.

За неговите настапи не можам да му замерам, иако не се согласувам со обидите за одбивање на каква било одговорност на Федерацијата. Замерувам за тоа што не чувме никакви конкретни активности или чекори за тоа како да се осигураме дека вакви несреќи веќе никогаш нема да се повторат во Македонија, или барем драстично ќе се намали ризикот од нив. Илјадниците членови на Федерацијата, од кои и јас сум еден, мораат да бидат заштитени и безбедни.

Во спротивно, Федерацијата е сведена на нешто помалку од еден хартиен, беззаб тигар. На 19 мај, ќе се одржи годишното собрание на ФПСМ. Ве охрабрувам сите вас, членови на планинарски клубови, членки во ФПСМ, јасно и гласно да барате и да се застапувате за промени во Федерацијата. Промени во праксите и политиките на организирање на планинарските тури, а по потреба и кадровски промени.“

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

Ќе имаат ли храброст планинарските друштва да го сменат „вечниот“ Угриновски

Раководството и телата на Федерацијата на планинарски спортови избрани нелегално во 2014 година

Писмо: Пријатели на Калина, зошто молчите? Угриновски, оставка!

„Вистиномер“: Угриновски нема право да крие сознанија за тема од широк јавен интерес

Јавно обвинителство ќе ги истражува околностите под кои загинаа планинарите на Кајмакчалан

Водичот на „Трансверзалец“ Москито суспендиран само од морални причини

Федерацијата на планинарски спортови објави детален извештај за тоа што случувало на Кајмакчалан

Последен планинарски поздрав за Калина и Александар

„Трансверзалец“: Доставени информации до институциите за случајот со двајцата загинати планинари

Фамилиите на загинатите планинари испратија писмо до Планинарскиот сојуз на Македонија

Федерацијата на планински спортови ќе ја истражува смртта на планинарите

Организаторите на турата на Кајмакчалан во која животот го загубија двајца планинари бараат молчење до извештајот

За врвот Кајмакчалан, каде што Калина и Александар трагично ги загубија животите

jQuery Slider
При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.