Случај „Тенк“: Прва пресуда за Груевски на 23. мај

Пресудата за случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство ќе биде објавена за шест дена. На денешнот рочиште во Кривичниот суд во Скопје беа изнесени завршните зборови на обвинителство и одбрната на обвинетите.

Специјалното јавно обвинителство во завршните зборови за предметот побара судот да ги прогласи за виновни поранешниот премиер, Никола Груевски и поранешниот помошник-министер во МНР, Ѓоко Поповски, како и да ги платат судските трошоци во висина од 313.160 денари.

Обвинитгелот Гаврил Бубески побара судот при утврдување на кривичната одговорност на обвинтетите да ги имаат предвид отежнителните околности дека Груевски дејствувал со директна умисла додека бил премиер и делото го направил од лична желба, но со буџетски средства, а како олеснителна околност неговата семејна состојба.

На новинарско прашање по завршување на рочиштето за висината на казните на обвинетите, Бубески, рече дека за Ѓоко Попоски е предвидена казна затвор од пет до 15 години, додека за Никола Груевски е предвидена казна затвор од една до три години и дека очекуваат во тие рамки да се движи и судот.

Обвинетиот Никола Груевски во завршен збор наведе дека овие судски процеси се класично политички и ова судење е дел од една политичка хајка против него и неговите соработници.

- Овој фабрикуван предмет во кој нема никакви докази против мене се одвиваше многу брзо. Во него сум обвинет за тоа што сум сакал да се возам со кола. Не сум искористувал положба и влијание врз некој за јас да добијам некаква корист. Не сум барал набавка на луксузно возило и незаконско фаворизирање на Мак Ауто Стар и не сум барал да нема конкуренција во набавката. Никогаш наведеното возило не ми било дадено исклучиво на мое користење, рече Груевски.

Посочи дека барањето за набавка на ново блиндирано возило доаѓало од укажувањата на сите засегнати и запознаени професионалци со состојбата и условите на безбедносните возила кои ги поседувала Република Македонија.

Обвинетиот Ѓоко Поповски во завршен збор наведе дека договорениот орган МВР иако немал обврска, одлучил да спроведе постапка за јавна набавка со цел да добие пониска цена за блиндирано возило.

- Сметам дека усепав да докажам дека не сум ја злоупотребил службената положба и не сум фаворизирал ниту една марка и очекувам судот да го отфрли обвинението против мене, рече Поповски.

Во „Тенк“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски и поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за која постапката е издвоена поради „ризична бременост“.Тие се обвинети за набавката на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра. 

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.