Издаден водич за мудро управување со парите

Народната банка објави публикацијата „Паметно управување со парите – водич за личните финансии“. Овој водич е наменет за пошироката јавност, со цел на едноставен начин да ѝ ги доближи основните концепти и поими од областа на управувањето со личните финансии. 

„При неговата подготовка се настојуваше тој да биде разбирлив и за помладите генерации и за лицата коишто немаат формално економско образование, за да може преку него населението да се информира како е најсоодветно да се управува со финансиските средства за да се постигнат посакуваните цели.

Поконкретно, во водичот е дадено објаснување за тоа како може мудро да се управува со парите, како да се подготват финансиските планови и да се следи нивното остварување, како да се биде претпазлив и да не се влегува во финансиска презадолженост, како внимателно да се користат средствата земени со кредит и кредитните картички и редовно да се отплаќаат обврските итн“, информираат од Народна банка.

Во соопштението се додава дека во водичот е објаснета и улогата на банкарските производи и услуги, финансиските инвестиции, осигурувањето и пензионирањето. Опфатени се и основните финансиски инвестиции, а дадено е и објаснување за разликите меѓу банкарските депозити и вложувањата во хартии од вредност итн.

Народната банка ја подготви публикацијата во соработка со институциите коишто учествуваат во  Координациското тело за финансиска едукација во Македонија: Министерството за финансии на Република Македонија, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Комисијата за хартии од вредност на Македонија, како и во соработка со Сојузот на микрофинансиски институции.

Се очекува дека овој водич ќе придонесе за поголема едуцираност на поединците и домаќинската за управувањето со личните финансии. Народната банка и натаму ќе извршува активности коишто придонесуваат за подигнување на нивото на финансиска писменост на населението.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Најчитани вести