Судот го прифати обвинителниот акт против првите луѓе на Скопски пазар

Советот на Основниот суд Скопје 1 во целост го прифатил обвинителниот акт против неколкумина членови на раководството на Скопски пазар, меѓу кои и претседателот на Управниот одбор на компанијата, Сашо Давитковски. Со решението на Судот, предметот сега ќе биде распределен кај конкретен судија, по што ќе започне судењето. 

Судот минатата недела одржа подготвително рочиште што траеше два часа, на кое се појавија обвинетите.
Медиумите во земјава веќе објавија, повикувајќи се на јавно објавени документи на компанијата, дека Скопски пазар во 2007 година потрошил значаен износ на парични средства за откуп на сопствени акции, кои потоа биле повлекувани непосредно по нивното купување.

Документите покажуваат дека Собранието на акционери на компанијата, на иницијатива и со поддршка на раководството, во два наврати во периодот 2006-2007 година повлекло вкупно 14.522 сопствени акции, кои што самата компанија претходно ги купила на пазарот за повеќе од 85 милиони денари, или близу 1.5 милион евра.

 

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.