25 години од смртта на сараевските Ромео и Јулија: За љубовта помеѓу Бошко и Адмира и денес се пишува

Пренесено од avaz.ba

На 18. мај пред 25 години, загинаа Бошко Бркиќ и Адмира Исмиќ, а нивната љубовна приказна и денес се раскажува, а воедно ги нарекуваат и балканските Ромео и Јулија.

Бошко и Адмира се запознале за време на Олимпијадата која се одржуваше во Сараево, и заедно поминале девет години. Тоа што Бошко бил Србин, а Адмира Бошњачка, не претставувало пречка за нивната љубов, ниту за нивните родители.

Кога почнала војната во 1992 година, родителите на Бошко го напуштиле Сараево. Мајка му Рада го молела да замине со неа, но тој не сакал да ја остави Адмира. Двајцата млади верувале дека војната брзо ќе заврши.

Животот на Бошко станал тежок во Сараево. Со Адмира сфатиле дека сакаат да ја одржат љубовта и да го напуштат Сараево.

Во мај 1993 година помеѓу српската и босанската војска, било договорено дека оваа двојка ќе биде пуштена на другата страна, односно дека ќе можат да поминат преку мостот Врбањ и да заминат во населбата Грбавица.

Американскиот репортер Курт Шорк, кој на светот му ја раскажа оваа приказна за нивната трагична љубов, во 1993 година за „Ројтерс“ напиша дека двете страни се сложиле да ги пуштат Бошко и Адмира да ја поминат границата која ги делела двете завојувани страни.

„Бошки и Адмира одеа најмалку 500 метра на десната страна на реката Миљацка, потполно изложени на погледите на војската на двете страни. Откако ја поминаа линијата под контрола на босанската страна и тргнаа према населбата Грбавица која беше под контрола на Србите, некој ги погоди“, напиша тогаш Шорк.

Ударот од снајпер најпрво го погодил Бошко, кој веднаш починал. Другиот метак ја погодил Адмира, која иако смртно ранета, собрала сили да доползи до Бошко. Го прегрнала и починала.

Фотографијата, на која се прегрнати и загинати, го обиколи светот, а Си-ен-ен ги нарече сараевските Ромео и Јулија.Нивните тела, од улица биле тргнати на осмиот ден. Биле погребани на гробиштата Лукавици. По војната во 1996 година, по желба на родителите на Адмира, нивните тела биле префрлени во Сараево и погребани на гробиштата Лав.

Истрага за убиството на Адмира и Бошко никогаш немало, а нивниот убиец никогаш не е откриен.Групата „Забрањето пушење“ во 2013 година снимаше песна за големата љубов помеѓу Бошко и Адмира.

фото/avaz.ba

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Најчитани вести